• вторник, 26 ноември 2024

Николоски: ВМРО-ДПМНЕ по преземањето на одговорноста да ја води државата ќе ја врати прославата за Илинден на Мечкин Камен

Николоски: ВМРО-ДПМНЕ по преземањето на одговорноста да ја води државата ќе ја врати прославата за Илинден на Мечкин Камен
Скопје, 2 август 2021

Благодарам за присуството, би сакал на целиот македонски народ и на сите граѓани на Македонија да го честитам најголемиот празник 2-ри Август Илинден, денот на Илинденското востание, денот на почетокот на Крушевската Република, првата Република на Балканот, и денот на првото заседание на АСНОМ со кој што беа удрени темелите на македонската државност и држава кои што беа крунисани со 8-ми Септември како ден на независноста на Македонија. Македонија и македонскиот народ имаат јасен, политичко историски континуитет кој што започнува некаде во 19-тиот век со преродбата, продолжува низ востанијата во 19-тиот век, кој што како круна го имаат Илинденското востание на почетокот на 20-тиот век и Крушевската Република, таа борба помеѓу двете светски војни во едно континуирано востание кое што се одвива на територија на цела географска Македонија.

Продолжува со 2-ри Август АСНОМ 1944-та година и делумната државност за жал само за овој дел од географска Македонија, двата останати дела Пиринска и Егејска Македонија за жал остануваат поробени. И добива своја круна на 8-ми Септември 1991 година.

Би сакал да го честитам празникот на сите Македонци, на сите граѓани кои што живеат во Македонија. Ова е најголемиот наш празник.

Во исто време би сакал да споделам едно горчливо чувство за тажната слика за која што денес ја гледаме на Мечкин камен. За првпат после скоро осум децении традиционалната манифестација на Мечкин Камен не се случува заради хирот на власта, заради одлуката на власта да избега од сопствениот народ. За тоа што се свесни дека не можат да се соочат со народот, за тоа што како што самите кажуваат се уплашени од свирежите на народот. Тие свирежи се свирежи израз на гнев и на болка за сето она што и се случува на Македонија, национално обезличување, криминал, корупција и економско опустошување.

За тоа е денес Мечкин Камен празен, за тоа власта бега од народот и за тоа измислуваат некакви си прослави кои што треба да се случат навечер без пригодни говори со некаква музичка манифестација и во некакви кралски манири каде што сите треба да чекорат позади еден.

ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот став на власта предводена од Зоран Заев и за тоа денеска реши ВМРО-ДПМНЕ да дојде тука на Мечкин Камен како што е редот, преку ден во периодот некаде после пладне кога секогаш се одржувала манифестацијата за прославата на Илинденското востание, да се поклони пред хероите, да положи свежо цвеќе и да одаде почит.

Во исто време одадовме почит и на споменикот и на Никола Карев во „Македониум“, како и на паднатите борци на Слива каде што го бранеле градот. Тоа е традицијата која што треба да остане. Она што можам да го ветам  на македонскиот народ, и на македонските граѓани е дека веќе следната година сето ова ќе е повторно полно, живо, ќе се наполни тука на Мечкин камен, целата оваа месност, ќе врие од народ, ќе има десетици и стотици илјади луѓе кои што заедно со нас и со една нова народна власт ќе го прослават 2-ри Август Илинден онака како што личи. А, не вака да е опустошено и обезличено.

Не смееме да дозволиме во услови кога се гази македонскиот идентитет, кога се става под прашалник од страна на соседите пред се од страна на Бугарија целокупната македонска историја, не смееме самите да дозволиме да се сквернави празникот, а за жал највисоките органи на власта како што се претседателот и премиерот го сквернават празникот очигледно обидувајќи се да угодат на други.

Ние тоа нема да го дозволиме после промената на власта која што ќе се случи уште оваа есен и следната година на 2-ри Август заедно тука ќе славиме со десетици, стотици илјади македонски граѓани, македонски народ.

Да е честит Илинден!

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ __________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан