• сабота, 21 декември 2024

Николоски: Ако сакаме ефикасна држава, мора да се намалува јавниот сектор

Николоски: Ако сакаме ефикасна држава, мора да се намалува јавниот сектор

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) – Александар Николоски, пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кандидат за вицепремиер и министер за транспорт, изјави дека покрај кратењето на институции ќе има и кратење на директорски места, а ќе се укинат и неколку агенции поврзани со министерствата.

Во вечерашното гостување на телевизија Телма, Николоски рече дека освен кратењето на бројот на институции во државава за околу 20 проценти и дваесеттина проценти од функционерските позиции, кратење ќе има и во делот на економските директори. 

- Во болниците нема да има по два директори затоа што сметаме дека тоа е една од причините за колапс на системот. Затоа, ќе има само еден директор за цел клинички, Фондот за здравствено осигурување ќе има еден директор наместо двајца, болниците низ државата исто ќе имаат еден, не по двајца директори, рече Николоски.

Дополни дека ќе се укинат и неколку агенции поврзани со министерствата.

- Агенција за енергетика се укинува, ќе се укине и Фондот за иновации, таму ќе има сериозна истрага, изјави Николоски.

Николоски потенцираше дека нема сите новоназначени луѓе да бидат под политичка заслуга, а во врска со реформите кои водат кон поефикасна работа најави дека ќе се намали и бројот на вработени со цел поефикасна администрација.

- Сите сме свесни дека јавната администрација е преобемна и неефикасна, а сите сме свесни дека приватниот сектор веќе има недостаток на работна сила. Тоа се работи кои што мора да се менуваат во корист на приватниот сектор. Ако сакаме колку-толку ефикасна држава, мора да се намалува јавниот сектор, а да расте приватниот, рече Николоски. ар/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан