• понеделник, 23 декември 2024

Николовски ги презентира мерките за поддршка за годинава, 2024-та ќе биде година на нови мерки во сточарството

Николовски ги презентира мерките за поддршка за годинава, 2024-та ќе биде година на нови мерки во сточарството

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) – Министерот за земјоделоство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска на прес-конференција во Владата ги претстави мерките за поддршка на земјоделците што ќе ги доделува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2024 година.

-Владата ги усвои предложените годишни програми за работа на Министерството за 2024 година со кои уште еднаш на дело покажуваме дека за нас земјоделството е важен и приоритетен сектор, но и важна економска гранка за развој на македонската економија и за развој на руралните средини, рече Николовски.

Тој нагласи дека Владата води искрена грижа за секој земјоделец и оти креира повеќе нови мерки за поддржување на секој земјоделец според потребите на земјоделците преку кои, како што кажа, ќе се постигне одржливост и раст во земјоделството.

-Оваа 2024 година ќе биде година на сточарството. Поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци ја зголемуваме од 4.000 на 12.000 денари. Се зголемува и поддршката за предадено јагне во кланичните регистрирани капацитети од 400 на 1.000 денари. Зголемување има и кај амортизираните несилки предадени во регистрирани кланични капацитети каде поддршката од 120 се зголемува на 150 денари, рече Николовски.

Креирана, е додаде, нова мерка за поддршка во одржувањето на ливадите од 6.000 денари по хектар, се зголемува и платата за овчарите од досегашните 360.000 денари по овчар на 620.000 денари годишно и се трга досегашниот критериум над 700 метри надморска височина. Стартува и процесот на вкрстена сообразност.

- Во 2024 година сточарите заедно со земјоделците ќе добијат авансна исплата на 30 проценти од основните субвенции за 2024 година. Исплатата, пак, на преостанатите 70 проценти од субвенциите кај сточарството се поврзува со предавање на производството во регистрираните преработувачки капацитети – млекарниците или кланиците, истакна Николовски.

-За поголем мотив, пред се кај сточарите, го менуваме максималниот износ на директните плаќања по корисник. Досега максималниот износ збирно за сите мерки од програмата за директни плаќања изнесуваше 18.450.000 денари. Сега со измените максималниот износ по корисник достигнува 18.450.000 денари збирно за мерките од растително производство и исто толку за мерките за сточарско производство. Целта на ваквата измена е да ги мотивираме и поттикнеме сточарите во сопствено производство на храна за животните кои ги одгледуваат, што би придонело во намалување на нивните трошоци, но и во намалување на крајната цена на производите како месото, млекото и јајца, рече Николовски.

Од 2004 година, како што посочи, поддршката до сите земјоделци за мерката зелена нафта зголемена на 100 проценти.

-Мерка воведена од оваа Влада, која за прв пат стартуваше во 2019 година со поддршка од 30 проценти во трошоците за гориво на земјоделската механизација, во 2022 година ја зголемивме на 50 проценти за денес поддршката за зелена нафта да достигне до 100 проценти, од трошоците за гориво на земјоделската механизација. Поддржувајќи годишно 55.000 земјоделци, рече Николовски.

Пррецизира дека поизводителите на житни култури оваа година добиваат 3.200 денари по хектар поддршка за зелна нафта. За производителите на индустриски култури поддршката за зелена нафта изнесува 4.800 денари по хектар. Кај градинарството поддршката за зелена нафта изнесува 9.600 денари по хектар, додека кај овоштарите 12.000 денари по хектар. Производителите на орев и питом костен добиваат поддршка за зелена нафта од 6.000 денари по хектар.

Покрај сточарството, како што истакна ресорниот министер, нови мерки се предвидени и кај растителното производство.

-Нова мерка креираме и за тутунарите. Основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Сите тутунопроизводители од оваа година, покрај субвенционирањето по класи, ќе можат во исто време заедно со другите земјоделци, да аплицираат и пријават површини по хектар. На тој начин да го стекнат правото за оваа нова мерка. Тутунарите преку оваа нова мерка, за прв пат, стекнуваат право и за мерката зелена нафта, во износ од 12.000 денари по хектар. Дополнително за оваа реколта креираме уште една нова мерка. Доколку вкупната откупена количина тутун не надминува 15.000 тони, за дополнителни 20 денари се зголемуваат субвенциите, по класи за предаден тутун, посочи Николовски. 

Поголема поддршка, додаде, даваме на лозарите за остварено производство на грозје.

-Ваквата мерка е во насока за постигнување на поставените цели од Стратегијата за развој на лозарството и винарството, зголемување на производството флаширано вино, зголемен квалитет на македонското вино и неговата вредност на странските пазари. Поддршка од 60.000 денари по хектар, вкупна поддршка, ќе има за семејни земјоделски стопанства, кои го произвеле и продале винското грозје, врз основа на склучен договор со регистриран производител на вино, најдоцна до 30 април 2024 година со принос од најмногу 10.000 килограми по хектар и исплатена цена по килограм не пониска од 35 денари. Од кои, 12.000 денари авансно и 48.000 денари дополнителна поддршка, рече Николвоски.

Ги охрабруваме, посочи, производителите на винско грозје и винарските визби, уште во период на првите агротехнички мерки, да го договорат начинот на одгледување на лозовите насади. Со цел добивање на суровина за производство на високо квалитетни вина, кои ќе бидат препознаени на странските пазари и ќе постигнат цена, што ќе ги задоволи и производителите на вино и производителите на грозје.

-Зголемената подршка е само почеток во низата на мерки за развој на лозарството и винарството. Имајќи во предвид дека со новиот закон за вино, кој е веќе во собраниска постапка, предвидуваме посебна програма за финансиска поддршка во развој на лозарството и винарството. Програма каде се предвидуваат дополнителни мерки согласно политиките на Европската Унија, за одржување и развој на лозарството и винарството, посочи Николовски.

Поддршка за лозарите, преку програмата за рурален развој, истакна, обезбедуваме во зачувување на нашата македонска автохтона винска лоза Станушина.

-Поддршката се реализира преку програмата за директни плаќања, во висина од 5.000 денари, по хектар. Корисници се земјоделски стопанства, кои имаат засадена минимална површина од 0,2 хектара со автохтоната сорта Станушина, прецизира Николовски.

Нова дополнителна мерка, рече, креиравме и за овоштарите. -Целокупното производство на јаболка, индустриски и конзумни, предадени кај регистрирани откупувачи, или регистрирани преработувачки капацитети, го поддржуваме со дополнителни 2 денари по килограм, потенцира Николовски.

Со 10 милиони евра, додаде, преку програмата за рурален развој го модернизираме македонското земјоделство.

-Ја продолжуваме поддршката кон сточарите во набавка на педигриран добиток. Вкупно 194 апликации пристигнаа на последниот повик за поддршка при набавка на педигриран добиток, кој заврши на 16 ноември 2023 година. Пристигнатите апликации веќе се обработуваат од страна на Платежната Агенција, а поддршката која ја даваме изнесува 10 милиони денари по корисник, што претставува кофинасирање од 50 до 75 проценти. Поддршката од оваа мерка се однесува за набавка на високостелни педигрирани јуници за млеко, месо и комбинирани, со исклучок на расата Буша. Како и набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци, кози и свињи, прецизира Николовски.

Преку програмата за рурален развој, како што кажа, продолжува поддршката за младите земјоделци и руралната жена, а оваа 2024 година поддршка на земјоделците обезбедуваме, при набавка на комбајни за жито и набавка на трактори.

-На 100.000 денари ја зголемуваме поддршката за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените, со статус на осигуреник-индивидуален земјоделец, стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Право на жената земјоделка, кое за прв пат, го креиравме минатата година, преку новата програма за социјална сигурност на жените, што вршат земјоделска дејност, истакна Николовски.

Го продолжуваме, истакна и проектот „здрав оброк за секое дете“.

-Со буџет од 40 милиони денари и оваа година повторно, го помагаме откупот на домашно свежно овошје кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од реколта 2024, што како здрав оброк ги дистрибуираме до сите дечиња во детските градинки низ целата држава, нагласи Николовски. вј/бак/

Фото: Принстскирн  

 

Остани поврзан