• понеделник, 23 декември 2024

Николовска: Преку учеството на Левица во Советот на Општина Делчево ќе го кренеме гласот против пустошењето на градот

Николовска: Преку учеството на Левица во Советот на Општина Делчево ќе го кренеме гласот против пустошењето на градот
Делчево, 15 октомври 2021 (МИА) - Видовме колку капацитет и волја за работа покажаа останатите политички партии во изминатите 30 години без да поднесат одговорност за нивниот неуспех и затоа е време на овие избори, да им се спротиставиме. Ова во своето завршно обраќање го истакна носителката на советничката листа на Левица, Сања Николовска која до гласачкото тело порача дека е време Делчевчани да го кренат гласот против пустошењето и празнењето на градот. - Време е да го кренеме гласот против сè поголемата сиромаштија, против недомаќинското располагање со општинските ресурси, партиските вработувања и кобните „развојни” политики кои го опустошија и испразнија нашиот град. Тие се директни виновници што ретко кој граѓанин на Општина Делчево може да каже дека се чувствува задоволно и исполнето во својот роден крај, рече Николовска. Додаде дека сега е времето да им се покаже на децениските политичари дека граѓаните немаат резервен живот за живеење и затоа им порача да се борат овде и сега. - На овие избори, да се избориме за можност да почнеме да го градиме нашиот дом според нашите реални потреби, дополни носителката Николовска. Ги повика граѓаните да гласаат за број 15, да гласаат за Левица во Советите. вс/мс/

Остани поврзан