Нигерија ја поздравува помошта на САД во борбата против исламистичките милитанти
- Нигерија ја поздравува помошта на САД во борбата против исламистичките бунтовници, сè додека се почитува нејзиниот територијален интегритет, изјави денеска портпаролот на нигериското претседателство,
Абуџа, 2 ноември 2025 (МИА) - Нигерија ја поздравува помошта на САД во борбата против исламистичките бунтовници, сè додека се почитува нејзиниот територијален интегритет, изјави денеска портпаролот на нигериското претседателство, по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп со која и се закани на оваа западноафриканска земја со воена акција поради нејзиниот третман кон христијаните.
Трамп ги обвини нигериските власти за злосторства против христијаните и се закани дека САД би можеле да влезат во оваа африканска земја со голема воена сила, а американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кратко потоа изјави дека Пентагон се подготвува за акција против Нигерија по наредба на американскиот претседател.
„Доколку нигериската Влада продолжи да дозволува убивање на христијани, САД веднаш ќе ја суспендираат целата помош за Нигерија и многу е веројатно да влезат во оваа сега посрамена земја, „пукајќи со оружје“, за целосно да ги уништат исламските терористи кои ги извршуваат овие ужасни злосторства“, објави Трамп синоќа на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој му нареди на американското „Министерство за војна“ да се подготви за можна акција.
„Ако нападнеме, тоа ќе биде брзо, свирепо и слатко, исто како што терористичките насилници ги напаѓаат нашите сакани христијани“, рече американскиот претседател.
Трамп ја предупреди нигериската Влада дека „мора да дејствува брзо“.
Кратко по објавата на Трамп, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека Пентагон се подготвува да преземе акција против Нигерија по наредба на американскиот претседател.
„Да, господине. Убивањето невини христијани во Нигерија - и насекаде - мора веднаш да престане. Министерството за војна се подготвува за акција. „Или нигериската влада ќе ги заштити христијаните, или ние ќе ги убиеме исламските терористи кои ги извршуваат овие ужасни злосторства“, напиша Хегсет на платформата X.
Тој, исто така, го прикачи претходното соопштение на Трамп за неговата подготвеност да преземе мерки против африканската земја.
Предупредувањето за можна воена акција дојде откако нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу претходно вчера остро одговори на соопштението на Трамп еден ден претходно дека ќе ја означи западноафриканската земја како „земја од особена загриженост“ поради нејзиниот наводен неуспех да го спречи прогонот на христијаните.
Тинубу рече дека карактеризирањето на Нигерија како религиозно нетолерантна земја не ја одразува националната реалност.
„Верската слобода и толеранцијата се фундаментален принцип на нашиот колективен идентитет и секогаш ќе останат такви. Нигерија се спротивставува на верското прогонство и не го охрабрува. Нигерија е земја со уставни гаранции за заштита на граѓаните од сите религии“, рече тој.
Трамп во петокот изјави дека „христијанството се соочува со егзистенцијална закана во Нигерија“ и дека „радикалните исламисти се одговорни за овој масовен колеж“.
Коментарите на Трамп дојдоа неколку недели откако американскиот сенатор Тед Круз го повика Конгресот да ја означи најнаселената земја во Африка како прекршител на верските слободи, со тврдења за „масовни убиства на христијани“.
Нигерија има население од 220 милиони и е речиси подеднакво поделена меѓу христијаните и муслиманите.
Земјата долго време се соочува со несигурност од различни фронтови, вклучувајќи ја и екстремистичката група Боко Харам, која се обидува да воспостави свое радикално толкување на исламскиот закон.сд/
фото:МИА архива