• сабота, 16 ноември 2024

Неџат Курт назначен за генерален директор на ТАВ Македонија

Неџат Курт назначен за генерален директор на ТАВ Македонија

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) - ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, го назначи Неџат Курт за нов генерален директор, од 1-ви месецов. Метин Батак ја напушта позицијата генерален директор и ќе биде назначен за член на Извршниот одбор на компанијата ТАВ Тунис, која што управува со аеродромите Енфида Хамамет и Монастир.

Курт работи во воздухопловниот сектор 23 години, а уште од влезот на ТАВ на македонскиот пазар е дел од високиот менаџмент на ТАВ Македонија. Во пишана изјава му се заблагодарува на Батак за придонесот во раководењето во изминативе години, истакнувајќи дека заеднички ги воделе скопскиот и охридскиот аеродром среде најголемата „бура“ за воздухопловството – кризата со Ковид-19.

-Тесно соработувавме и се справивме со секој предизвик, вложувајќи ги нашите најдобри напори за закрепнување на патничкиот сообраќај, одржувајќи ја мотивацијата на вработените на високо ниво за да го одржиме нашиот бизнис-модел. Сега, додека се движиме по позитивниот бран на пораст на патничкиот сообраќај, моите колеги и јас ќе вложиме максимални напори за да продолжи овој тренд, особено сега по пост-пандемскиот период на промени. Како никогаш досега, фокусирани сме да продолжиме да го поддржуваме, подобруваме и да даваме приоритет на искуството на патниците од нашите двата аеродрома додека гледаме во иднината и ги дефинираме нашите цели коишто сакаме да ги постигнеме. И натаму ќе ги развиваме аеродромите во Скопје и Охрид, претворајќи ги во центри на Балканот. Со нашите лични долгогодишни искуства во управувањето со аеродромите и знаењата и вештините на меѓународно ниво на нашата матична компанија – ТАВ Аеродроми, ќе ги следиме светските авијациски трендови, ќе водиме нови проекти и ќе продолжиме да им служиме на нашите клиенти на најдобар можен начин, вели Курт.

Тој во 2008 година беше назначен од страна на ТАВ Аеродроми како еден од менаџерите кои го водеа проектот за концесија во Македонија. Работеше на скопскиот аеродром две години, а во 2010 година беше назначен за менаџер на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.  По две години, во 2012 година беше назначен за менаџер на скопскиот аеродром и управуваше со целокупните аеродромски операции во македонскиот главен град.  

Во 2014 година, ТАВ Аеродроми го назначи Курт за координатор за транзиција на меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија. Таму тој ја организираше транзицијата од стар во нов аеродромски терминал. Меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина е првиот приватизиран аеродром во Саудиска Арабија. Во 2016 година, Курт беше назначен за координатор за оперативна подготвеност и аеродромски трансфер во терминал и во јавна зона на аеродромот во Загреб во Хрватска. Работеше заедно со француската Групација АДП (ADP Group), за да обезбеди успешна транзиција и работа на аеродромот, додека не заврши изградбата на новата терминална зграда на аеродромот во Загреб и новиот терминал беше пуштен во функција во 2017 година. Во август 2017 година, беше назначен за координатор за аеродромски операции на три аеродроми кои се преземени под концесија од Кралството Саудиска Арабија од страна на ТАВ Аеродроми, по што стана претседател на Комитетот одговорен за аеродромска дигитализација на аеродромот во Медина во 2018 година. Кон крајот на 2018 година, Курт се врати во земјава, како координатор за аеродромски операции, одговорен за целокупното оперативно работење на аеродромите во Скопје и Охрид. Во првиот квартал од 2019 година, Курт беше назначен за заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.

Курт по потекло е Турчин, роден и израснат во Германија. По завршување на средното образование, го продолжил високото образование на студиите за туризам и хотелски менаџмент на Универзитетот Текирдаг во Турција. Дипломирал политички науки и дипломатија на Американскиот универзитет на Европа во Скопје. Моментално, посетува МБА студии по авијациски менаџмент на Универзитет Дунав во Кремс, Австрија. Тој е дипломиран професионалец за управување со аеродроми и е носител на титулата Професионалец за аеродромски операции (IAP – Airport Operations Professional) одобрена од ICAO – Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и од ACI – Меѓународниот совет на аеродроми. Покрај турскиот, како негов мајчин јазик, ги зборува и англискиот и германскиот јазик.

Батак, исто така во пишана изјава наведува дека за време на неговиот мандат во ТАВ Македонија, заедно со целиот менаџерски тим, постигнале огромен успех со тројно зголемување на бројот на патници на двата македонски аеродрома, во периодот од 2010 до 2019 година.

-Со појавувањето на кризата со Ковид-19, требаше да се справиме со некои од најголемите предизвици во воздухопловството што негативно се одразија врз двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Заедно со нашиот исклучителен тим на вработени, моите колеги менаџери, како и во тесна соработка со нашите засегнати страни, го водевме закрепнувањето на македонскиот патнички авиосообраќај што почна во 2022 година. И покрај сите пречки во авиосообраќајот, нашиот персонал и натаму обезбедуваше одлично патничко искуство, па затоа и ја добивме ASQ-наградата за квалитет на аеродромските услуги за скопскиот аеродром за 2022 и 2021 година. Уверен сум дека закрепнувањето на патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид ќе продолжи и тоа ќе придонесе за економскиот развој на земјата, вели Батак.

ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, ги заврши првите четири месеци од годинава со 753 377 патници на двата македонски аеродрома, што е зголемување за 44 проценти во однос на истиот период во 2022 година, a 8 проценти во однос на 2019 година која се смета за реферетна. Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 6.010, со годишен пораст од 35 проценти и 4 проценти во однос на 2019 година. лв/са/

фото ТАВ Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан