• четврток, 19 декември 2024

Нехамер: Нема да има брза процедура за влез на Украина во ЕУ

Нехамер: Нема да има брза процедура за влез на Украина во ЕУ

Салцбург, 26 септември 2023 (МИА) - Австрискиот канцелар Карл Нехамер отворено го отфрли брзиот пристап на Украина во Европската унија, но го поддржа влезот на земјите од Западен Балкан во блокот, наведувајќи го влијанието на Кина, која, како што рече, развива се посилно присуство во регионот.

Нема да има „брза процедура“ за влез во ЕУ за земји како Украина, рече Нехамер во својот говор на Европскиот самит во Салцбург во неделата вечерта, објави локалниот весник „Кронен цајтунг“.

„Треба да има рамноправни услови за игра бидејќи Европската унија, исто така, мора да се сфати сериозно преку рамката за членство што ја поставува за себе“, рече Нехамер.

Тој додаде дека Виена ќе остане „силен и сигурен партнер на земјите од Западен Балкан во постигнувањето еднакви услови за членство во ЕУ“.

Нехамер се залагаше за најбрз можен прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ. „Австриските компании се меѓу најголемите инвеститори во регионот“, нагласи тој.

Тој смета дека „Кина во процес на развој на посилно присуство на Западен Балкан и Европа не треба да биде наивна пред оваа ситуација“.

Во Салцбург се одржува годишна конференција за актуелни европски теми кои се однесуваат на идните стратегии и предизвици за политиката и бизнисот. Конференцијата е во организација на Институтот за региони на Европа (ИРЕ), кој е основан во 2004 година, со цел да создаде форум на европски региони, општини и компании. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан