Нестле разработува нова стратегија по критиките за нездрави производи
- Швајцарскиот производител на храна и пијалаци Нестле денеска соопшти дека работи на ажурирање на својата стратегија за храна и здравје, откако Фајненшл тајмс објави внатрешен документ на прех
Берн, 31 мај 2021 (МИА) - Швајцарскиот производител на храна и пијалаци Нестле денеска соопшти дека работи на ажурирање на својата стратегија за храна и здравје, откако Фајненшл тајмс објави внатрешен документ на прехранбениот гигант, во кој голем дел од својата храна и пијалаци се категоризирани како нездрави производи.
Претходно, Фајненшл тајмс објави дека има увид во внатрешната презентација што циркулира меѓу раководните лица во која се наведува дека повеќе од 60 проценти од редовното портфолио на храна и пијалаци на Нестле не можат да се сметаат здрави според „признатата дефиниција за здраво“.
Весникот наведува дека проценката опфаќала околу половина од вкупното портфолио на Нестле, бидејќи категориите како што се медицинска исхрана, храна за домашни миленици, кафе и прилагодени формули за новороденчиња се исклучени од анализата.
Аналитичарот за финансиски услуги Кеплер Шувре Џон Кокс истакна дека со вклучувањето на овие категории значително ќе се намали процентот на потенцијално нездравите производи.
Нестле соопшти дека работи на „проект што се оденсува на целата компанија“ за ажурирање на својата стратегија за исхрана и здравје и го разгледува целото свое портфолио за да обезбеди своите производи да помогнат во задоволување на нутритивните потреби на луѓето.
Компанијата додава дека во изминатите седум години ги намалила шеќерот и солта во производите за околу 14 до 15 проценти. ми/