• петок, 22 ноември 2024

Нема решенија од 15-тиот состанок поради бугарското инсистирање на нивното гледање за минатото, велат од македонскиот тим на Комисијата

Нема решенија од 15-тиот состанок поради бугарското инсистирање на нивното гледање за минатото, велат од македонскиот тим на Комисијата
Скопје, 22 октомври 2021 (МИА) - Македонските и бугарските историчари денеска и вчера дискутирааа за повеќе прашања во рамки на 15-тата редовна средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, што поради пандемијата со коронавирусот се одржа во онлајн формат. Како што брифираат за МИА од македонската страна во Комисијата, на средбата не се усвоени никакви решенија и препораки што се должи на исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање за минатото. Ова беше четвртиот состанок од предвидените пет за оваа година, на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, на кој, како што информираат од македонската страна на Комисијата биле дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата. - На првиот ден од дискусијата членовите на Комисијата разменија неколку предлог-идеи за препораки за учебниците по историја со кои би се подобрило историското образование во двете држави. Како и досега, предлозите од македонската страна беа засновани на современите разбирања за историското образование поддржани од УНЕСКО и Советот на Европа во кои се уважуваат различните погледи и толкувања на минатото. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел--градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка, брифираат за МИА од македонскиот тим. Во текот на вториот ден, како што информираат за МИА од македонската страна на Комисијата, членовите на Комисијата дискутирале и за можноста личноста на Гоце Делчев да биде заеднички чествувана од двете држави. -Како и во однос на прашањето за учебниците по историја, дискусијата за Гоце Делчев го покажува различниот пристап и разбирање на историјата и нејзината улога во двете држави, велат за МИА од македонскиот тим на Комисијата. Средбата на мешовитата Комисија се одржи во изборен период во двете земји - кај нас заврши првиот круг од локалните избори и тече кампањата во пресрет на вториот круг, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори, што се закажани за 14 ноември. На претходниот 14. состанок што се одржа на 10 и 11 јуни, од македонскиот тим во Комисија оцени дека ги имале најтешките разговори досега. Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска комисија е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година, а нејзината работа е една од точките на патоказот 5+1 како можно решение за спорот со Бугарија и деблокада на пристапните преговори со ЕУ. аа/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан