• понеделник, 23 декември 2024

Нема кој да даде дозвола за сечење дрвна маса во приватни имоти во НП Шар Планина

Нема кој да даде дозвола за сечење дрвна маса во приватни имоти во НП Шар Планина
Скопје, 30 октомври 2022 (МИА) - Луѓето кои живеат во потшарпланинските села алармираат дека прогласувањето на Шар Планина за национален парк било избрзана постапка со оглед на проблемите со кои се соочуваат во секојдневието. Мештаните од селата Јеловјане и Урвич велат дека се меѓу најзасегнатите затоа што не можат да ги користат дрвата од своите приватни имоти, а кои се дел од Националниот парк. Проблемот е во тоа што наместо Национални шуми, сега Националниот парк како установа треба да им дозволи да сечат дрва за огрев, но новата институција нема вработени луѓе за таа намена. Сега, луѓето од овие места пред доаѓањето на зимата немаат обезбедено дрва за затоплување, нешто што го правеле со децении наназад. Џевдет Халими, претседател на месната заедница, вели дека се обиделе да преговараат со двете институции и другите државни органи за некакво преодно решение, но без успех. - Проблемот е што Национален парк, не знам од кои причини, не може да издаде дозвола, луѓето не може да сечат, погранична полиција, шумска полиција, постојано им прави проблеми и не можат да се сечат. Се обративме до директорот, до градоначалникот, не најдовме разбирање. Затоа бараме помош бидејќи имаме стари луѓе, има деца, изнемоштени. Директорот вели нема буквално луѓе за на терен, од кои причини не знам. Мислам дека избрзале со прогласување национален парк, затоа што околу Јеловјане 80 отсто се приватни шуми и имот. Немало со нас никакви консултации од страна на менаџерскиот тим на Националниот парк. Трактори не доѓаат да носат дрва, затоа што нема кој да даде дозвола (извозница) да вози и да пренесе дрва. Се обратив до погранична полиција. Ни рекоа без дозвола не смеете, кој ќе преземе таков чекор. Директно мене ми се заканија дека ќе ми поднесат кривична пријава ако ги понесеш луѓето на сеча на шума, вели Халими. Истиот проблем е во Ново Село, Урвич, Раковец, Новаке, сите села од општината Боговиње кои гравитираат околу Националниот парк. - Како ќе го решиме проблемот, не знам. Затоа упатувам молба до Владата, до премиерот Димитар Ковачевски, да дојдат да нè посетат, да им укажеме кој какви проблеми имаме. Не знам како ќе тераме зимава, ова е Шара, утре може да заврне снег, може да има две метра снег. Без дрва, луѓето не можат да преживеат, се затоплуваат. Луѓето кои овде седат се или пензионери или социјални случаи, немаат секој 100 евра да дадат за платен кубик дрва, а имаат свои дрва, свои плацеви во шумите од дедо, од прадедо, истакнува Халими. Сафет Фетаи од Урвич се соочил и со бизарна ситуација. Додека летово бил на привремена работа во странство неговите дрва ги нашол исечени од дрвокрадци. Сега, вели, не му дозволуваат ни остатоците да ги собере. - Во моја шума лично не ми дозволуваат да берам дрва, а други дрвокрадци ми ги имаа исечено дрвата. Лично сопствена моја нива, а не ми даваат документ да ги носам барем тие дрва што останале. Не знам кај да се обратам. Јас пет месеци сум бил на печалба во Турција, сега кога се вратив за зимата, немам дрва огрев, нема како да се снабдам. Некои немаме пари да купиме дрва. Имам површина од 1845 квадратни метри парцела, а околу 15 кубни метри ми се украдени дрва. Нешто има останато, но не ми дозволуваат да ги носам. Не оди тракторист да ги товари. Ми бара извозница. А извозница никој не дава. Бев во шумска полиција, не ми даваат. Велат, снајди се. Кај да се снајдам, прашува Сафет Фетаи. Решението жителите на село Јеловјане го гледаат во тоа да се изнајде институција која ќе дозволи и ќе може да се постапи како што до оваа година се постапувало, ни рече и Месут Фејзуловски. - Шумско да издаде дозволи, ако Националниот парк нема луѓе кои би го сработиле тоа. Би било пожелно шумското претријатие да издаде дозволи како што издаваше до минатата година. Немавме проблеми наназад многу, многу години, вели тој. Директорот на Национален парк Шар Планина, Ибрахим Дехари, знае за проблемот и вели дека во скоро време ќе се надмине. Како установа Националниот парк сè уште нема вработени. За оваа потреба, за да може да им се дозволи на мештаните да си ги користат приватните имоти со шуми и дрва, во постапка е вработувањето шумарски инженер. - Имаме отворено оглас да примиме шумарски инженер, исполнети се сите услови од министерствата, од Финансии и другите ресорни министерства. Огласот е отворен, штом се затвори огласот верувам за една недела тоа ќе биде завршена постапка и ќе имаме лице кое ќе може да ги издава дозволите за сеча на дрвата во шумите, изјави Дехари. Луѓето за да ги користат дрвата од приватните имоти треба да имаат имотен лист на свое име и барањето за користење да го достават до седиштето на Националниот парк во просториите на поранешната жичарница во Тетово. Потребно е да се добие дозвола за сеча на дрва маса за која се плаќа такса од 280 денари по кубен метар, како и дозвола за транспорт на дрвата.   - Шумарскиот инженер на самото место треба да излезе со уредите, ќе види каква е состојбата. Ако исполнува услови сопственикот на имотот веднаш добива дозвола за сеча. Кога ќе ги заврши работите/дозволите за сечење, ќе најави потоа за друга дозвола, исто така ние ќе ја дадеме за да ги носи дрвата од местото каде што ќе се сече до местото - адресата до која сака да ги однесе дрвата. Ова важи за сите резиденти што живеат во паркот, но истото важи и за тие што не живеат во самиот парк, а живеат во Тетово, Скопје, каде било, што имаат лични имоти на Шар Планина, истакна Дехари. Ако е поголема површината на шумата, потребно е сопственикот да има елаборат за сеча, процедура која и досега важела, но била спроведена од Национални шуми. Доколку граѓанин има личен имот со дрвна маса во зоната за строга заштита, тогаш јавната установа и државата мора да обезбедат огревно дрво од друго место, а сопственикот да не ја сече шумата. - Пак ќе биде на негово име, а ние ќе му го обезбедиме она што го бара. Пример, ако има 100 кубици, а бара 15 да се сече, ќе му обезбедиме 15 кубни метри дрва маса. Така дрвјата ќе останат во строго заштитено подрачје, објаснува Дехари. Селата Јеловјане, Урвич, Ново Село, Раковец и Новаке се наоѓаат на падините на Шар Планина на околу 1200 метри надморска височина. Александар Самарџиев

Остани поврзан