• понеделник, 23 декември 2024

Неколку дена зголемена концентрација на ПМ-10 во Тетово

Неколку дена зголемена концентрација на ПМ-10 во Тетово

Тетово, 26 октомври 2020 (МИА) - Изминатите пет денa во Тетово се бележи надминување на дозволените 50 микрограми на кубен метар на отровните ПМ-10 честички во воздухот. Воедно во текот на октомври на интернет страницата на Министерството за животна средина за следење на квалитетот на воздухот се евидентирани и десеттина денa со гранични вредности на опасните материи во воздухот.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија при Центарот за јавно здравје вели дека високите концентрации се должат на грејната сезона која е во полн ек. Според него, аерозагадуавњето е лоша подлога и комбинација за ширење на коронавирусот.

- Грејна сезона почна и на тоа се должи зголемувањето на ПМ-10 честичките. Ова може да ја влоши ситуацијата затоа што ќе се „накалеми“ коронавирусот на ПМ-10 и уште повеќе на ПМ-2,5 и подолго ќе стои во воздухот од она што е вообичаено. Тоа е лоша комбинација, подолго да лебди во воздухот бидејќи ПМ-10 се лебдечки честички. Во лошата комбинација влегува и ниската температура, мала влажност, ПМ-10, аерозагадување и предизвикува непосакуван ефект на т.н. „перфектна бура“, објаснува д-р Давидовски.

Воедно, според извештаите на интернет страницата на Министерството, во септември не се бележи ниту еден ден со зголемена концентрација на ПМ-10.  Сепак вкупно досега во текот на 2020 има 77 денови со над 50 микрограми на кубен метар дневно на отровните ПМ-10 честички во воздухот што е двојно повеќе од теоретски дозволените 35 денови во текот на една каленадарска година.

Во 2019 година во Тетово имало 88 денови чист воздух, 120 со загаден и 157 без податоци.ас/фф/

Остани поврзан