Неделава три изложби во Кинотеката
- Од денеска до 6 ноември, во просториите на Кинотека на Република Северна Македонија ќе бидат поставени три изложби: „Довидување Скопје - довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земј

Скопје, 2 ноември 2020 (МИА) - Од денеска до 6 ноември, во просториите на Кинотека на Република Северна Македонија ќе бидат поставени три изложби: „Довидување Скопје - довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земјотресот во скопје 1963-1964г.“ од проф. д-р Марјан Димитријевски; „Скопје во времето на градоначалникот Јосиф Михајловиќ-Јуруковски“ од проф. д-р Лидија Ѓурковска и „Документи и фотографии за развојот на здравството во Македонија по Втората светска војна“ од проф. д-р Габриела Топузвска.
Изложбата „Довидување Скопје - довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земјотресот во скопје 1963-1964г.“ од авторот проф. д-р Марјан Димитријевски е посветена на патешествието на скопските деца по земјотресот во 1963 година, нивно сместување, престој во бројни места ширум тогашна СФР Југославија и школувањето на македонски наставен јазик во: Пореч, Цриквеница и Лесковац.

Низ фотографии, легенди и текст изложбата „Скопје во времето на градоначалникот Јосиф Михајловиќ-Јуруковски“ од Лидија Ѓурковска зборува за градителската дејност во Скопје на познатиот архитект и градоначалник Јософ Михајловиќ-Јуруковски кој и самиот е автор на бројни познати скопски архитектонски градби.

Здравството како важен сегмент од секојдневниот живот на повоена Македонска држава е темата на изложбата на фотографии и документи „Документи и фотографии за развојот на здравството во Македонија по Втората светска војна“ од Габриела Топузвска, посветени на здравството, здравтсвените институции и здравтвените прилики во оваа време. фф/сп/