• четврток, 12 март 2026

Нега центар Кочани прослави 4 години постоење

Нега центар Кочани прослави 4 години постоење

Кочани, 18 февруари 2026 (МИА) - Нега центар Кочани прослави 4 години постоење. Во текот на 2025 година, преку Нега центар Кочани реализирани вкупно 27.544 часа исполнети со љубов, грижа и внимание. Овие часови не се само бројка – тие се насмевки, топли зборови, подадена рака и чувство на сигурност за старите лица во нашата заедница, соопшти ОО на Црвениот крст од Кочани.

Според нив, преку услугата „Помош и нега во домот за стари лица“, посветениот тим од 16 негователи и координатор на услугата, секојдневно внесува светлина, достоинство и човечка топлина во домовите на педесетина возрасни лица на кои им е најпотребна поддршка.

-Секој посетен дом носи своја приказна, а секоја пружена услуга е доказ дека хуманоста живее меѓу нас. Со трпение, емпатија и професионалност, овие 27.544 часа претставуваат вистинска мисија на солидарност и грижа – мост меѓу генерациите и потврда дека никој не е заборавен, наведено е во денеска објавеното соопштение.

Услугата претставува меѓуопштинска соработка помеѓу Општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, поддржана од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Провајдер на услугата е Црвен крст на Р.С. Македонија – Општинска организација Кочани. ис/вј/

Фото: ОО на Црвен крст Кочани

 

Остани поврзан