• понеделник, 23 декември 2024

На „Чист понеделник“ во Струмица со бел грав означен почетокот на Велигденскиот пост

На „Чист понеделник“ во Струмица со бел грав означен почетокот на Велигденскиот пост

Струмица, 18 март 2024 (МИА) - На „Чист понеделник“, кој се одбележува во рамките на карневалските празнувања во Струмица, со делење и консумирање бел грав беше означен почетокот на Велигденскиот пост.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, струмичани се верни на традицијата, а на сите коишто постат им посака со лесно да го поминат овој најголем пост за христијаните.

-Упатувам неколку пораки бидејќи се наоѓаме во динамично и време на големи предизвици.Фактот што имаме двојни избори само по себе значи предизвик, а и тоа што тие се случуваат во најголемиот христијански пост, треба да ни даде до знаење дека мора да внимаваме оти постот сам по себе не е само физичко постење на организмот, туку мораме и духовно да постиме и да постиме со мислите. Барем во овие денови да има што е можно помалку омраза, клеветење, негативни кампањи и вести, оти тоа најмалку ни е потребно на сите. Немаат никаков бенефит граѓаните од препукувањето помеѓу партиите, туку да имаме една достоинствена кампања и барем во Струмица да го имаме она на што повикуваме, да се почитуваме едни со други, а се знае програмски нашите копја нека се преклопуваат и таму е местото и фронтот за борба, порача Костадинов.

Пред делењето гравот беше благословен од свештеници од Струмичката епархија. Оваа традиција има долги корени во Струмица и низ чаршијата и во домовите на струмичани се подготвува бел посен грав. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан