• понеделник, 23 декември 2024

На Прешево-Табановце запленети дукати и златен накит вреден 12.780 евра

На Прешево-Табановце запленети дукати и златен накит вреден 12.780 евра
Белград, 15 јули 2022 (МИА) - Српските цариници и полицијата на 14 јули на граничниот премин Прешево-Табановце со Северна Македонија и на Аеродромот „Констатин Велики“ во Ниш спречија два обида на патници преку границата без пријавување да пренесат дукати-турски златници и златен накит, со вкупна вредност од еден и пол милион динари (12.780 евра), јави дописникот на МИА од Белград. Првиот прекршок е откриен на излезната страна на преминот Прешево, каде во автомобил „Фолксваген артеон“ со германски регистарски таблички, во кој од правец на Македонија кон Германија патувале двајца мажи, под седиштето на сопатникот е пронајдена кутија со 22 златници-турски лири (дукати), чија вредност е проценета на нешто повеќе од милион динари (8.520 евра). - Иако изјавиле дека немаат ништо да пријават, цариникот во преградата за документи под совозачкото седиште пронашол кутија со вкупно 22 златници -турски лири, чија вредност се проценува на нешто повеќе од еден милион динари, соопшти српската Царина. Сличен случај е евидентиран истиот ден на преминот Аеродром „Константин Велики“, каде во рачниот багаж на патничка која пристигнала со лет од Базел е откриен непријавен златен накит. - Иако во разговорот со цариникот дополнително потврдила дека нема што да пријави, во нејзината чанта биле пронајдени масивно златно ланче, нараквици, прстени и обетки чија вредност се проценува на околу 400.000 динари. об/паг/

Остани поврзан