• понеделник, 23 декември 2024

На МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп промовирана монографијата за 75 години постоење на кумановскиот театар

На МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп промовирана монографијата за 75 години постоење на кумановскиот театар

Прилеп, 11 јуни 2024 (МИА) - На петтиот ден од 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп, денеска беше промовирана монографијата за 75 години постоење на кумановскиот театар, а се одржаа и разговори на тркалезната маса за синоќешните претстави во официјалната програма: претставата „На дното“ од Макесим Горки во режија на Ќендрим Ријани, а во изведба на битолскиот театар и за претставата на турски театар , „Домот на куклата“ од Лукас Хнат во режија на Билге Емин. И двете претстави се играа на мали сцени.

Монографијата „Театар Куманово 75 години (1948-2024) е прва монографија за театарот воопшто. Користени се, главно фотографии и податоци што ги поседува оваа театарска куќа, за нејзиниот растеж и годините кога имало и по 12 премиери годишно.

За претставата „На дното“ на битолскиот театар актерската екипа нагласи дека се правени повеќе интервенции на текстот на Максим Горки, кој датира од 1905 година, а се чини дека е најактуелен токму во овие моменти на реалноста.

- Сите како да живееме токму како дејството во претставата. Ова, се чини, е вистинското време за актуелноста на текстот „На дното“. Репликите што ги изговараме за тоа кога е моментот кога си на дното се наши и сите речиси ги направивме по сопствено искуство во ова реално време во кое живееме, рече актерката Илина Горевска.

Според актерот Иван Јерчиќ, театарот има смисла само ако поттикнува прашања за општествени проблеми.

- Наша мисија, мисија на театарот е да се занимаваме со проблемите во општеството, да отвориме повеќе прашања. Театарот има смисла ако кај публиката предизвика барем едно прашање, рече Јерчиќ.

Според ументичкиот директор Ана Стојаноска, ни недостасува театар кој гласно го говори она што сите го премолчуваат.

На разговорите, иако во отсуство на актерската екипа на Турски театар од Скопје, оправдано отсутна поради обрски, беше потенцирана одличната актерска игра во претставата „Домот на куклата“.

-Фасцинирана сум од актерите. Тие до крај создаваа претстава која публиката сакаше и понатаму да ја гледа, рече  Ѓорѓиеска.

Вечер на програмата на Фестивалот се уште три претстави, од кои две се во официјалната конкуренција. Од 19,30 часот  во Центарот за култура „Марко Цепенков“, театар „Комедија“ ќе ја изведе претставата „Ало!Ало!“ според британската ТВ-серија на Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов. Од 22 часот е претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска, а во изведба на прилепскиот театар. Претставата ќе ја изведе на матичната сцена.

На минута до полноќ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ пред публиката ќе се претстави театар „Златен Елец“ од Скопје и ќе ја изведе претставата „Кенди“. ем/цр

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан