18 август 2026 (МИА)
1642.- Во Болоња умрел Гвидо Рени, италијански сликар, припадник на болоњската барокна школа. Роден бил на 4 ноември 1575 година.
1750.- Роден е Антонио Салиери, италијански композитор и диригент. Им бил учител на Бетовен, на Шуберт и на Лист. Компонирал поголем број опери, кантати и хорови. Позната е неговата љубомора кон генијалниот талент на Моцарт, која е особено уметнички изразена во антологискиот филм „Амадеус“. Умрел на 7 мај 1825 година.
1812.- Во битката кај Смоленск, Наполеон Бонапарта ја поразил руската царска војска и продолжил да напредува кон Москва.
1896.- Француските колонијални трупи го опколиле Мадагаскар (остров во Африка) прогласувајќи го за своја колонија. Мадагаскар стекнал независност во 1960 година.
1903.- Во Крушево е роден Никола Мартиноски, познат македонски ликовен уметник, педагог и академик. Тој бил еден од основачите и прв директор на Уметничкото училиште во Скопје. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и странство. Умрел во Скопје, на 7 февруари 1973 година.
1908.- Роден е францускиот државник и правник Едгар Фор, кој како обвинител ја претставувал Франција на судењето на германските воени злосторници во Нирнберг по Втората светска војна. Бил премиер на Франција во 1952, 1955 и 1956 година и неколку пати министер од 1958 до 1969 година.
1943.- На Славеј Планина, Дебарца, од припадници на Битолско-преспанскиот НОП одред „Даме Груев“, од Велешкиот НОП одред „Димитар Влахов“, од Прилепскиот НОП одред „Ѓорче Петров“ и од новодојдени борци од територијата на Дебарца, бил формиран Првиот македонски НОП баталјон „Мирче Ацев“.
1964.- На спортистите од Јужна Африка им било забрането да учествуваат на Олимписките игри поради политиката на апартхејд во таа земја.
1966.- Започнала злогласната „Културната револуција“ во НР Кина која се смета за најратрограден и злосторнички проект во современата историја на оваа комунистичка земја.
1967.- Матичната комисија на Македонската академија на науките и уметностите ги избрала првите 14 редовни членови на МАНУ: Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Васил Иљоски, Никола Мартиноски, Михаило Апостолски, Михаил Петрушевски, Димитар Митрев, Ѓорѓи Филиповски, Благој Попов, Димитр Арсов, Кирил Миљовски и Петар Серафимов.
1993.- За првпат бил прославен Денот на Армијата на Република Македонија - 18 Август, прогласен со одлука на Владата на Република Македонија од 3 јуни 1993 година.
1998.- Во Скопје умрел д-р Андреа Мишковски, специјалист по општа и пластична хирургија, долгогодишен директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и генерален директор на Хирушките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје. Роден бил во Куманово, во 1932 година.
2004.- Во Санта Барбара умрел Елмер Бернштајн, американски композитор, добитник на Оскар. Напишал многу познати хитови како што се оние за филмовите „Десетте заповеди“, „Седумтемина величенствени“, „Големото богатство“ и други. Роден бил во 1922 година.
2024.- На 78 години почина академик Глигор Каневче, научник и професор од областа на енергетиката, животната средина, термотехниката, термоенергетиката и процесната и мерната техника. Роден во Охрид, поголемиот дел од животот го помина во Битола. Дипломирал на Машинскиот факултет во Белград (1969), а докторската дискретација ја одбранил на Техничкиот факултет во Нови Сад (1982). Од 1970 до 1983 беше водечки истражувач во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча, а потоа работеше како професор на Техничкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Има престојувано и одржано предавања во повеќе земји, каде што остварил богата научна соработка. Од 1990 до 1992 беше раководител на постдипломските студии по процесно инженерство на Техничкиот факултет во Битола, каде што беше и декан (1995-1997). Беше претседател на Сенатот на Универзитетот во 2003. Од 2000 беше член на Македонската академија на науките и уметностите, како и член на МНД во Битола од 1986.
###