• петок, 22 ноември 2024

Најскапиот квадрат во Србија се продава во комплексот „Белград на вода“- 9.125 евра, најскапиот стан продаден за 955.000 евра

Најскапиот квадрат во Србија се продава во комплексот „Белград на вода“- 9.125 евра, најскапиот стан продаден за 955.000 евра

Белград, 4 октомври 2024 (МИА) - Во Србија според Републичкиот геодетски завод во вториот квартал годинава највисоки цени за станови се постигнати во Белград, каде што најскапиот квадрат е продаден по цена од 9.125 евра во комплексот „Белград на вода“, додека на истата локација најголема сума од 955.000 евра, издвоена е за стан со вкупна површина од 145 квадратни метри. Најскапата куќа е продадена во општина Савски Венац во Белград за 1,5 милиона евра, додека најскапото паркинг место е платено за 60.000 евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Вредноста на прометот со недвижности во Србија во вториот квартал годинава изнесува 1,8 милијарди евра и е за 8,2 отсто поголем во однос на вториот квартал од 2023 година, соопшти Републичкиот геодетски завод и констатира дека бројот на продажби на недвижности е зголемен за 0,6 отсто и изнесува 30.837.

Од 1,8 милијарди евра, 446,4 милиони евра доаѓаат од делумно регулираниот пазар.

Најголемо учество во вкупниот промет на недвижен имот зазема продажбата на станови, 979,5 милиони евра, со учество од 56 отсто од вкупната вредност во тргувањето.

За куќи се издвоени 150,2 милиони евра, што е девет  отсто од вкупната вредност, за градежно земјиште 147,2 милиони евра, осум отсто од вкупната вредност, за деловен простор 77 милиони евра, четири отсто и за земјоделско земјиште 52,5 милиони евра или три отсто од вкупната вредност.

Што се однесува до начинот на плаќање, 10 отсто од сите истргувани недвижности се финансирани преку кредити, што претставува зголемување за три процентни поени во однос на претходната година.

Кредитните средства најмногу се искористени за купување станови, при што 23 отсто од сите купувања се остварени на овој начин, што е забележително зголемување во однос на истиот период лани кога тој процент изнесуваше 16,5.

Бројот на купопродажни договори во вториот квартал е значително зголемен во однос на истиот период лани во Нови Сад за 22,5 отсто, во Крагуевац за 22,9 отсто и во Ниш за 15,6 отсто, додека благо намалување од 1,1 отсто е забележано во Белград.

Во овој период за станови во Белград се издвоени 555,6 милиони евра. об/

Остани поврзан