• понеделник, 23 декември 2024

Најосамениот слон на светот доби ново живеалиште во Камбоџа

Најосамениот слон на светот доби ново живеалиште во Камбоџа
Пном Пен, 1 декември 2020 (МИА) - Каван, „најосамениот слон на светот“ откако години минуваше сам во пакистанска зоолошка градина, денеска беше пречекан во Камбоџа со радост од будистички монаси во Камбоџа, а потоа и испратен на патување во резерват за животни. Настанот е организиран од групата „4 шепи“ - со седиште во Виена. Како и сите други „патници“ на денешнинава, и слонот мораше да се тестира за Ковид-19 пред авионскиот лет. По качувањето, Каван при седумчасовното патување доби и 200 килограми „грицки“. - Слонот не беше под стрес за време на летот, јадеше, па дури и поспа додека стоеше во неговиот кафез, рече Амир Калил, ветеринар кој го придружуваше животното на летот. Со помош на Халил, Каван изгуби 1.000 килограми во последниве три месеци. Животното е старо 36 години. Каван е всушност подарок од Шри Ланка за Пакистан, дарен во 1985 година. Тој живееше во Зоолошката градина во Исламабад со неговата партнерка Сахели, која почина 2012 година. Зоолошката потоа, последниве години падна во тешка криза, а условите станаа толку ужасни што судот во пакистанскиот главен град нареди Зоолошката да се затвори во август. Состојбата на слонот го привлече светското внимание, вклучително и интересот на американската пејачка и глумица Шер, која учествуваше во неговото спасување и беше во Камбоџа поради доаѓањето на Каван. Според здружението, многу малку возрасни слонови претходно биле преместени со авион, па затоа подготовките за ова биле тешки. Откако ќе се навикне во новата природна, но сепак - контролирана средина, Каван ќе биде пуштен во засолниште за диви животни во северна Камбоџа, каде што околу 600 азиски слонови живеат „во мир и тишина“, соопштија тамошните власти.  си/

Остани поврзан