• четврток, 21 ноември 2024

Најмалку 32 жртви во терористичкиот напад во Могадишу

Најмалку 32 жртви во терористичкиот напад во Могадишу

Могадишу, 3 август 2024 (МИА) - Најмалку 32 лица загинаа, а многу други се повредени при самоубиствен напад од екстремистичката групација „Ал Шабаб“, проследен со пукање на популарната плажа Лидо во сомалискиот главен град Могадишу.

Претходно, ДПА соопшти дека бројот на жртвите е 15, а меѓу убиените има пет терористи.

- При нападот загинаа повеќе од 32 цивили, а околу 63 други се ранети, од кои некои се тешко повредени, изјави портпаролот на полицијата Абдифатах Адан Хасан.

- Безмилосните терористи убиваа цивили без дискриминација, изјави претставник на полицијата, додавајќи дека сомалиските сили за безбедност убиле пет членови на радикалната исламистичка групација „Ал Шабаб“, која е поврзана со „Ал Каеда“. Оваа групацијата веќе ја презеде одговорноста за нападот. Тие тврдат дека убиле 54 лица и раниле над 80. 

Нападот започнал со експлозија од самоубиствен бомбаш на влезот на хотелот. Останатите напаѓачи се обиделе да ја нападнат зградата и исто така пукале по луѓето на плажата. Страшни снимки од нападот се проширија на социјалните мрежи.

Болниците ги повикаа жителите на главниот град да даруваат крв.

Плажата Лидо е омилена дестинација за викенд на жителите на Могадишу, забележува ДПА.

Исламистичката терористичка милиција „Ал Шабаб“ ја презеде одговорноста за нападот преку својата радио станица. Исламистите контролираат делови од Сомалија, но последниве години беа протерани од главниот град. Сепак, сè уште се случуваат напади врз државни институции, хотели или ресторани во Могадишу, каде што терористите го осудуваат она што го сметаат за неисламски западен начин на живот, додава ДПА.

Во јули, 11 лица загинаа при терористички напад на ресторан за време на финалето на Европското првенство во фудбал. ссм/

фото: принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан