• среда, 29 јануари 2025

Најмалку 15 мртви во стампедо на хиндуистичкиот фестивал Кумб Мела во Индија

Најмалку 15 мртви во стампедо на хиндуистичкиот фестивал Кумб Мела во Индија

Прајаграј, 29 јануари 2025 (МИА) - Најмалку 15 лица загинаа во текот на ноќта во Прајаграј, северна Индија, за време на стампедо во Кумб Мела, масовен хиндуистички аџилак.

Многу аџии се повредени во несреќата, некои тешко, и се хоспитализирани, изјави еден од лекарите во болницата Свароп Рани Нехру во Прајаграј, каде што жртвите се евакуирани.

Локалните власти и безбедносните сили се уште не објавија извештај за стампедото.

Кумб Мела се смета за најголем религиозен собир во светот, на кој присуствуваат милиони хинду верници од цела Индија за да се капат во светите реки Ганг и Јамуна.

Ритуалното капење се одржува на секои 12 години, а според хинду традицијата овозможува да се измијат гревовите и да се ослободи од циклусот на повторно раѓање и реинкарнација.

Оваа година, масовниот фестивал се одржува од 13 јануари до 26 февруари, а властите најавија повеќе од 400 милиони учесници, што го прави најголемиот собир до сега.

Верските собири се често место на смртоносни несреќи во Индија поради лошото управување со толпата и безбедносните недостатоци.

Минатиот јули, повеќе од 120 луѓе загинаа во државата Утар Прадеш за време на стампедо на собир на повеќе од 250.000 верници кои дојдоа да го слушаат познат хинду проповедник. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан