• недела, 22 декември 2024

Најмалку сто жртви во последните три и пол месеци поради топлотниот бран во Индија

Најмалку сто жртви во последните три и пол месеци поради топлотниот бран во Индија

Њу Делхи, 20 јуни 2024 (МИА) – Поради екстремните жештини во Индија, каде температурата надминува 50 степени, во последните три и пол месеци повеќе од 100 лица починале, а 40.000 доживеале топлотен удар, соопшти денеска индиското Министерство за здравство.

Во последните недели во делови од главниот град Њу Делхи беше 51 степен Целзиусов. Горештините предизвикаа рекордна потрошувачка на струја со многу прекини на струја, а има и голем недостиг на вода.

Многу места во северна Индија, каде температурите уриваат рекорди, поради жештините се затворени училиштата.

Индија прогласува топлотен бран секогаш кога температурата е над 40 степени Целзиусови во рамнините и 30 степени Целзиусови во ридските предели. Главните летни месеци април, мај и јуни се секогаш жешки во повеќето делови на Индија пред монсунските дождови да донесат пониски температури.

Но, топлината се зголемува во изминатата деценија, обично придружена со сериозен недостиг на вода што погодува десетици милиони од 1,4 милијарди жители на Индија.

Според Метеоролошката служба, топлотен бран годинава, кој веќе трае повеќе од три недели, веројатно е меѓу најдолгите непрекинати досега во таа земја. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан