• сабота, 21 декември 2024

Најавена соработка меѓу Специјалната болница за нефрологија Струга со Уролошкото одделение во Клиниката во Мерсебург

Најавена соработка меѓу Специјалната болница за нефрологија Струга со Уролошкото одделение во Клиниката во Мерсебург

Струга, 28 октомври 2024 (МИА) - Воспоставување долгорочна соработка меѓу Специјализираната болница за нефрологија и хемодијализа Струга и Уролошкото одделение во Клиниката Карл вон Баседов од Мерсебург, Германија била целта на посетата на делегација од германската болница предводена од директорот Александар Шуте на Струшка нефрологија.

Во рамките на посетата, како што информира директорот на Специјалната болница за нефрологија Јетмир Зиба, гостите биле запознаени со работата и здравствените услуги кои ги нуди болницата.

- На средбата беше договорена размена на искуства во лекувањето на нефролошките и уролошките заболувања, како и донација на медицински апарати, хируршки инструменти за уролошкото одделение, единицата за интензивна нега и апарати за хемодијализен третман на најтешките случаи со акутна бубрежна инсуфициенција, изјави Зиба за МИА.

Директорот на Уролошкото одделение од болницата во Мерсебург, додаде, најавил дека постои можност лекари од Специјалната боница од Струга да престојуваат на обука и доедукација во Германија.

На средбата, Зиба ги запознал гостите со тековните проекти на Специјалната болница со посебен акцент на реновирањето на објектот за хемодијализа, лоциран покрај Охридското Езеро, кој треба да понуди идеални услови за привлекување на странски пациенти.

- Целта е Нефролошката болница од Струга да се стави на европската мапа за здравствен туризам преку таканаречената „Холидеј дијализа“. Тоа значи дека пациенти од Германија, но и од целиот свет во текот на летната сезона ќе имаат можност да се лекуваат и истовремено да одмараат во Струга, подвлече Зиба.

Во Специјализираната болница за нефрологија во Струга во тек е реализација на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“, преку кој се врши реконструкција и подобрување на условите за третман на пациентите.

Во рамките на проектот набавен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, ставен е во функција систем за реверзибилна осмоза, а поставени се и соларни панели на кровот на објектот. Предвидено е да бидат набавени 17 кревети, три телевизори и болнички сет наменети за „холидеј дијализа“, по што на тој оддел дневно ќе можат да се лекуваат по 60 пациенти. сс/дма/

 

Фото: МИА/Специјална болница за нефрологија Струга

Остани поврзан