• понеделник, 20 мај 2024

Најавена изградба на мултифункционална сала на Домот на култура во Чучер Сандево

Најавена изградба на мултифункционална сала на Домот на култура во Чучер Сандево

Скопје, 13 март 2024 (МИА) - Општина Чучер Сандево ќе добие нова мултифункционална сала во рамките на Домот на култура „Сандево“. За реализација на овој проект обезбедени се средства преку Министерството за култура во износ од 11,3 милиони денари, а првата фаза се очекува да заврши до крајот на оваа година.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која денеска изврши увид на проектот и локацијата за изградба на салата, изјави дека на површина од над 600 метри квадратни се гради мултинаменска сала со внатрешен сценски простор, амфитеатар, билетарница, гардероба и други придружни простории потребни за функционирање на една установа од ваков вид.

Таа посочи дека во оваа година во однос на минатата, Министерството за култура го зголеми буџетот за оваа програма, со дополнителни десет милиони денари, со која го унапредува локалниот развој. Чучер Сандево, потенцираше, е општината што ја доби највисоката поддршка.

-Вложуваме во развојот и унапредувањето на културата и по 15 години отсуство на сала, почнуваме изградба на толку неопходниот нов дом на култура за овој регион. Градоначалникот покажа иницијатива за овој проект од областа на култура која беше препознаена од Министерството за култура и поддржана со 11,3 милиони денари преку Програмата за капитални дотации во културата, рече Костадиновска Стојчевска.

Костадиновска Стојчевска потенцираше дека жителите од овој регион заслужуваат современи услови за одвивање културни активности од секаков вид, како и услови за едукативни програми за кои најмладите покажуваат нескриен интерес.

-Со изградбата на оваа сала ја исполнуваме нашата должност, создаваме инфраструктура која има клучна улога во збогатувањето на животот на секој поединец во развојот на уметничкиот талент и во стимулирање на креативната енергија кај нашите млади. Уверена сум дека разновидноста на културните содржини во салата и на летната сцена ќе ја направи Општина Чучер Сандево привлечно место не само за своите жители, туку и за граѓаните од регионот. Сега сме на почетокот и пред нас има уште работа, но сигурна сум дека со ангажманот на градоначалникот и со нашата поддршка проектот ќе биде успешно реализиран, рече министерката.

Таа напомена дека очекува до крајот на годината успешно да биде реализирана првата фаза.

Градоначалникот на Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ се заблагодари на Министерството за култура што обезбедија финансиски средства за изградба на оваа сала.

-За изградба на целиот проект вкупно ни требаа 55 милиони денари. За оваа година од Министерството за култура добивме 11,3 милиони денари со што ќе успееме во текот на 2024 година да ја изградиме салата т.е. да направиме само карабина, токму на место на кое што последен пат имало изградено ваква сала во времето на Југославија или поточно во 1965 година. Оттогаш на ова место кое е наречено Сандево долги години имало разни културни настани. Последните години на ова место не се случуваше буквално ништо и оттаму произлезе иницијативата на Општината за изградба на нов културен дом, рече градоначалникот.бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан