Хуманитарен концерт на Роман Симовиќ и Институтот „ФЕЈМС“ за настраданите во Кочани
- Во Филхармонија вечер ќе се одржи хуманитарен концерт во чест на жртвите од трагедијата во Кочани. Концертот е во организација на Институтот „ФЕЈМС“, а ќе настапи виолинистот Роман Симовиќ, концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Скопје, 29 април 2025 (МИА) - Во Филхармонија вечер ќе се одржи хуманитарен концерт во чест на жртвите од трагедијата во Кочани. Концертот е во организација на Институтот „ФЕЈМС“, а ќе настапи виолинистот Роман Симовиќ, концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени.
- Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста, изјавија од „ФЕЈМС“.

На концертот, публиката ќе има можност да ужива во изведба на дела од Бетовен – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ и оркестарот на „ФЕЈМС“, институтот составен од млади, исклучителни музичари од различни европски земји.
Концертот се организира во соработка со Црвениот крст на Северна Македонија. На самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.
Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс. мд/са/
Фото: Плакат