• петок, 22 ноември 2024

Хибридни методи за изучување на јазиците, предавање на професорот Јован Костов на „Денови на Франкофонијата“

Хибридни методи за изучување на јазиците, предавање на професорот Јован Костов на „Денови на Франкофонијата“

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Во рамките на манифестацијата „Денови на Франкофонијата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје“ професорот Јован Костов, денеска ќе одржи предавање на тема „Хибридни методи за изучување на јазиците: Примери од францускиот јазик и култура“ во Салата за седници на факултетот со почеток од 12 часот.

Како што информираат од Филолошкиот факултет, во предавањето ќе се даде посебен осврт на хибридниот начин на учење на јазиците преку примери од платформата „Bolivia Habla Fr@ncés“ наменета за изучување на францускиот јазик во Француските алијанси во Боливија, како и од проектот „Нексус“ на Универзитетот Пол-Валери Монпелjе 3 кој опфаќа целосна реконструкција на програмите за изучување на дванаесетте јазици кои се предаваат како јазици за специјалисти од други дисциплини во рамките на наставните програми.

Хибридниот начин на учење на јазикот претполага изготвување посебни сценарија во кои технологијата има голем удел во автономизацијата на ученикот, особено при совладувањето на граматиката, на лексиката, како и на усното и писменото изразување и разбирање.

Професор д-р Јован Костов е доцент по методика и дидактика на францускиот јазик како странски јазик на Универзитетот Пол-Валери Монпелjе, Франција. Негова потесна специјалност е дидактиката на француската граматика, педагошкиот инженеринг и дизајн на јазични програми и материјали и јазичните технологии и нивната улога во изучување на странските јазици. Автор е на повеќе стручни трудови и помагала за изучување на францускиот јазик, пред сѐ за потребите на организации како француските алијанси во Латинска Америка (Боливија, Мексико, Венецуела). ар/са/
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан