Трета меѓународна конференција за фриленсери
- Македонската фондација „Импакт“ организира меѓународна конференција на фриленсери насловена „Freelance is for Freedom”, на која ќе има осум странски експерти - говорници кои ќе претстават нови перспективи за фриленсерството како модел на иднината – алтернативен начин на работа кој овозможува слобода, флексибилност и глобална поврзаност.
Скопје, 18 октомври 2025 (МИА) - Македонската фондација „Импакт“ организира меѓународна конференција на фриленсери насловена „Freelance is for Freedom”, на која ќе има осум странски експерти - говорници кои ќе претстават нови перспективи за фриленсерството како модел на иднината – алтернативен начин на работа кој овозможува слобода, флексибилност и глобална поврзаност.
-Дополнително, ќе говорат македонски модератори и говорници од фелата кои сакаат да го приближат фриленсерството до новите почетници. Трендовите покажуваат дека фриленсерството станува избор на сè поголем број професионалци што ја вреднуваат автономијата и можноста сами да ја креираат својата кариера, се наведува во соопштението за третата конференција за фриленсерство што „Импакт ја организира во земјава.
Елена Ивановска, директорка на Фондацијата „Импакт“, посочува дека во Македонија фриленсерството расте како динамичен и сеопфатен сектор, во кој се вклучуваат ИТ-професионалци, новинари, консултанти, преведувачи, проектни менаџери, едукатори и други специјализирани кадри.
-Тие секојдневно ги придвижуваат иновациите во општеството. Овој модел на работа ја зајакнува конкурентноста и ја проширува видливоста на македонските таленти во глобалната работна мрежа, истакнува Ивановска.
Како што е најавено, на оваа конференција за фриленсерство ќе се дискутира и за законските можности и обврски на фриленсерите во Македонија, „пласирање на виртуелните асистенти од Македонија и Хрватска на светскиот пазар, наоѓање клиенти онлајн и работа од дома во вонредни услови, фриленсерството и мајчинство – слобода или нов стил на живот, за патот од претприемништво кон фриленс и обратно и други инспиративни, актуелни теми кои ги засегаат фриленсерите, отворајќи простор за споделување знаење, практични решенија и меѓународна соработка“. хс/ац/
Фото: ФБ Фондација „Импакт“