„Ретроспектива“ - самостојна изложба на Даме Затуровски
- Во Центарот за култура во Струга, денеска на Илинден, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Даме Затуровски насловена „Ретроспектива“.
Скопје, 2 август 2024 (МИА) - Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, денеска на Илинден, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Даме Затуровски насловена „Ретроспектива“.
Затуровски пред публиката ќе се претстави со своето декади долго и плодно творештво со околу седумдесетина дела изработени во пастел и неколку други техники. Неговиот академски реализам е претставен преку мотиви на мртва природа, пејзажи како и портрети во делата инспирирани од родната Струга.
Даме Затуровски е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1993 година. Дипломиран правник, зад себе има преку 11 самостојни изложби. Учесник е на повеќе групни изложби и ликовни колонии во земјава и надвор. Познат е и по изработката на макети на стари бродови и верски објекти, чии фотографии, исто така ќе бидат изложени.
Отварањето на изложбата е во 20.30 часот во фоајето на Центарот за култура, а за посета предвидени попладневни термини од 19.00 часот во текот на следната недела. вг/нд/
Фото: Даме Затуровски