Работилница во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на поправки
- Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на поправки, Здружението АРНО и Центарот за поправки „Ништо ново“ денеска организираат онлајн-работилница „Како да го одржуваш твојот компјутер – практични совети и трикови“, наменета за наставници, млади и за сите заинтересирани граѓани.
Скопје, 20 октомври 2025 (МИА) - Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на поправки, Здружението АРНО и Центарот за поправки „Ништо ново“ денеска организираат онлајн-работилница „Како да го одржуваш твојот компјутер – практични совети и трикови“, наменета за наставници, млади и за сите заинтересирани граѓани.
Работилницата ќе ја води проф. д-р Бобан Јоксимоски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Учесниците ќе добијат конкретни насоки и алатки за одржување на софтверот, оптимизација на системите и безбедно користење на постари уреди. Учеството е бесплатно со претходна регистрација.
Покрај онлајн-програмата, во Центарот за поправки „Ништо ново“ ќе се одржи и креативна работилница за шиење со модната дизајнерка Ирина Тошева, каде учесниците ќе создаваат футроли за лаптопи и таблети од стар текстил.
-Оваа активност симболично ги спојува темите на дигитален и текстилен отпад и покажува дека поправките можат да биде и корисни, и креативни, соопштија организаторите.
Здружението АРНО и Центарот за поправки „Ништо ново“ минатата година првпат го одбележаа Денот на поправки со донации и поправка на играчки.
-Годинава фокусот е на софтвер и дигитален отпад, па организираме онлајн-предавање. Се приклучуваме и кон апелите до Европската комисија за обврзни правила за еко-дизајн и продолжена поддршка на производите најмалку 15 години, изјави Антонио Даниловски, координатор на ЕИЦЕЕ-проектот и менаџер на Центарот за поправки „Ништо ново“.
Светскиот ден на поправки е глобална иницијатива што ги охрабрува заедниците да преземат конкретни чекори против културата на фрлање и непотребното купување нови уреди.
-Според податоците на Open Repair Alliance, само во 2024 година се одржале над 2000 настани во 40 земји, на кои биле поправени околу 190 000 уреди. Со организирањето на овие активности, АРНО продолжува да ја развива културата на поправки во Македонија и да создава можности за учење, споделување знаење и активно учество на граѓаните во циркуларната економија. Активностите се спроведуваат во рамки на кампањата Breath Cleаn која е дел од проект финансиран од Германската сојузна влада, се наведува во соопштението. хс/бк/
Фото: Здружение АРНО