• недела, 22 декември 2024

Премиера на претставата „Слепци“ на Турскиот театар

Премиера на претставата „Слепци“  на Турскиот театар

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - НУ Турски Театар вечер во 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Слепци“ според истоименото дело од Морис Метерлинг и книгата „Погубни идентитети” од Амин Малуф. 

Претставата ќе биде изведена на сцената на Театар Комедија, а ќе има и титл на македонски јазик

Режијата на претставата е на Ќендрим Ријани, музиката е на Емрах Џемаили, а костими: Медина Хоџа и Маја Ѓуреска

Во претставата играат: Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радинчиќ и Един Јакуповиќ.

СЛЕПЦИ е спој на две литературни идеи, како што се делата Слепци од М. Метерлинк и Погубни идентитети од А. Малуф.

-Единаесет слепи ликови, фрлени во просторот, се трудат да го најдат патот, да се вратат назад. Но, одвреме-навреме тие се оттргнуваат од физичката слепост и влегуваат во лавиринтите на потрагата по самите себеси. Притоа, одново доживуваат моменти од нивниот живот. Овие ликови ќе ве натераат да живеете заедно со нив, да си поставите прашања, но и да најдете одговори за убавината на физичките и идентитетските различности на сите живи суштества кои живеат во овој заеднички свет. Свет, каде различноста е токму најубавата страна на привремениот живот што го живее и секој човек, вели режисерот на претставата Kендрим Ријани. вг/са/

Фото: Турски театар

Остани поврзан