• недела, 15 ноември 2026

Одбележување на Светскиот ден на поправки под мотото „Поправките ги поврзуваат луѓето“

Одбележување на Светскиот ден на поправки под мотото „Поправките ги поврзуваат луѓето“

Скопје, 17 октомври 2026 (МИА) - Светскиот ден на поправки 2026 ќе биде одбележан денеска во Центарот за поправки „Ништо ново“ во Скопје, под мотото „Поправките ги поврзуваат луѓето“, со фокус на меѓугенерациското поврзување и промоцијата на културата на поправка и повторна употреба.

Настанот, кој ќе почне во 13 часот, го организира АРНО во соработка со Општина Кисела Вода, Македонската артизанска трговска асоцијација (МАТА) и Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје. Со него ќе бидат одбележани десет години од глобалната иницијатива „International Repair Day“ и третата година од нејзиното одбележување во земјава.

Според организаторите, програмата предвидува обраќања на претставници на партнерските организации, потпишување меморандуми за соработка меѓу АРНО и МАТА, како и меѓу АРНО и Домот „Мајка Тереза“, најава на нов ИПА-проект и изјави за медиумите.

Во рамки на настанот ќе бидат организирани и две работилници посветени на поправките и повторната употреба на предмети. Предвидена е работилница за „Сашико“ техника со дизајнерката Ирина Тошева, како и работилница за креативни поправки во соработка со МАТА.

Од АРНО посочуваат дека Центарот за поправки „Ништо ново“, кој е прв од ваков вид во Скопје, во текот на првата година од работењето регистрирал околу 550 посетители, реализирал 36 настани и повеќе од 200 поправки, со над 1.500 регистрирани корисници.

Организаторите нагласуваат дека целта на иницијативата е да се поттикнат одржливите навики, намалувањето на отпадот и соработката меѓу различни генерации преку активности кои ја промовираат поправката како еколошка и општествено одговорна практика. ар/ац/

Фото:Постер