Концерт на Passepartout Duo и Алембик
- Во Културно-информативниот центар - Скопје, во салон „19:19“ вечер концерт ќе одржат Passepartout Duo и Алембик.
Скопје, 12 септември 2025 (МИА) - Во Културно-информативниот центар - Скопје, во салон „19:19“ вечер концерт ќе одржат Passepartout Duo и Алембик.
Passepartout Duo е состав од Верона, формиран во 2015 година од пијанистката Николета Фавари и перкусионистот Кристофер Салвито. Ова ќе биде нивен прв настап во Македонија.
Нивната музика, како што информира КИЦ-Скопје, е комбинација од електроакустични звуци и амбиентални текстури исплетени во полиритмика. Истражуваат нови начини на синтеза на звук преку електромагнетизам, преку спроводливи текстилни влакна и преку креаирање композиции за лесно пренослив инструментариум од дрво и метал како обид за градење на самоодржлива музичка кариера преку развој на сопствен DIY екосистем и вмрежување со уметници од целиот свет.
Алембик се Виктор Танасковски (гитара) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). До сега имаат реализирано голем број настапи на домашни фестивали, како и во Чешка, Естонија, Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија. Редовно учествуваат во уметничко-истражувачки проекти. Во моментов работат на вториот албум. мд/са/
Фото: Културно-информативен центар - Скопје