• недела, 22 декември 2024

Презентација на воени возила и опрема, дел од вежбата „Брз одговор“

Презентација на воени возила и опрема, дел од вежбата „Брз одговор“

Скопје, 28 мај 2023 (МИА) - Отворен ден организиран во рамки на вежбата „Брз одговор 23“ денеска од 11 до 14 часот ќе се одржи на градскиот плоштад во Кавадарци каде ќе бидат прикажани дел од возилата, вооружувањето и опремата што ќе се користи на оваа вежба.

На настанот ќе присуствуваат и министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Во рамки на отворениот ден, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со воени возила на нашата Армија и на вооружените сили на САД, Албанија, Црна Гора и Косово. Претставена ќе биде и опрема за алпинизам, нуркање, АБХО заштита и падобранство од Армијата.

Во Кавадарци ќе биде прикажано и роботизираното софистицирано возило т.н. PROJECT ORIGIN, кое е во пробна употреба и претставува платформа за тестирање и демонстрација на нови технологии на Армијата на САД.

Вежбата „Брз одговор 23“ („Immediate Response 23“), која започна на 22 мај на армискиот полигон во Криволак, е најголема вежба во земјава годинава со учество на армии на четири НАТО земји и една партнерска земја со вкупно околу 1.850 учесници. Покрај нашата армија на вежбата учествува и Националната гарда на Минесота САД, армиите на Албанија, Црна Гора и на Косово како земја партнер на НАТО.вј/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан