• недела, 21 јули 2024

„Бумбар и штикла“ - изложба на цртежи на Миле Ничевски

„Бумбар и штикла“ - изложба на цртежи на Миле Ничевски

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Во Струмица вечер ќе биде отворена изложбата на цртежи „Бумбар и штикла“ на ликовниот уметник Миле Ничевски. Изложбата претставува селекција од цртежи преку кои тој воспоставува контакт со нашите предрасуди, стравови, изненаденост, илустрира моменти меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и имагинацијата, дијалогот кој го гради со самиот себе како креатор и посматрач, храбро нижејќи го невозможното во целината на гледливото и возможно. 

Како што информираат организаторите на изложбата Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст - Струмица“, Миле Ничевски преку овие цртежи документира една вистина која многумина сакаат да ја избегнат, открива светови кои најчесто повеќето ги кријат, остроумно доловувајќи ја перцепцијата на колективната меморија отаде земното и разбирливо. Со најпристапните материјали кои му се на дофат (молив, креда, маркер, дрвени боички, фломастери...) тој се расприкажува како длабокоумен писател кој отвора универзални портали, свесно поместувајќи ги границите на визуелното.

Ова е шеста изложба годинава на Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст - Струмица“ (Kontext), дел од проектот #ЅидНаУметноста кој има за цел да презентира актуелни ликовни уметници од Македонија пред струмичката јавност и сите заинтересирани за тековните визуелни достигнувања на нашата уметничка сцена.

Миле Ничевски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Скопје - оддел – графика, а магистрирал на ЕУРМ, по предметот Визуелни комуникации. Ничевски е визуелен уметник кој освен делата на платно, најчесто ги користи стрипот, карикатурата, колажот, муралот и најразличните скици и цртежи преку кои со едноставни линии знае да пренесе одредени приказни амбиенти и директни пораки кои отворено комуницираат со гледачот. Тој креира уметнички дела кои се поврзани со времето и просторот кога се создадени, а неговиот автентичен и авангарден пристап го става на листата на најважните актуелни ликовни уметници на денешницата.

Добитник е на голем број награди и признанија за својата работа како сестран уметник, учесник на преку дваесетина домашни и меѓународни ликовни колонии, настапи во живо и фестивали, има реализирано повеќе самостојни изложби, а бил дел и од огромен број на групни изложби.

Мајсторски прави пресек на одредени ситуации од секојдневието, а честопати знае да ги искомбинира со симболи и знаци кои ја дополнуваат самата композиција, додека пораките кои негогаш ги вметнува во своите дела, доловуваат една особеност која не ве остава рамнодушни. Со основни елементи тој перфектно гради разиграност преку динамични сцени кои на момент можат да бидат исчитани како сатирични, социјални, традиционални, романтични или еротски, но ете како неговиот ликовен израз во целост може да се дефинира како ангажиран од многу аспекти.

Неговиот пристап е наивистички, симплифициран, а цртежите лаконски презентираат уникатна магичност, која граничи со суровоста и бруталноста која како предизвик ја живееме, истовремено допирајќи до историографското минато, но и современиот тек на обичниот човек, разокривајќи ги повеќето лица на моментумот кој го проживува.фф/ев/

Фото: Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст - Струмица“

Остани поврзан