• петок, 22 ноември 2024

Националниот парк ќе добие шуми вредни над 50 милиони евра и осумдесетина шумски работници

Националниот парк ќе добие шуми вредни над 50 милиони евра и осумдесетина шумски работници
Гостивар, 25 април 2021 (МИА) - Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк покрај погодностите, се очекува и долгорочно решавање на иднината на лицата чија основна дејност е поврзана со „користење на шумите“ во западниот регион. Дел од нив се вработени во ЈП „Национални шуми“, дел во приватни компании, а исход очекуваат и оние на кои единствена егзистенција им е работата во шума.Нивната иднина е дел од преговорите на засегнатите страни и државата кои се во тек. Ефектите од прогласувањето на Шар Планина за национален парк беа изнесени на јавните дебати. Од најавените решенија, се очекува корист за месното население и вработените во шумарскиот сектор. Носењето правилни решенија е од голема важност. Проценетата вредност на шумата која ќе влезе под нов режим на заштита надминува педесет милиони евра. Во национален парк ќе влезат и најдоходовните шумско стопански единици на подружниците на ЈП Национални Шуми од Тетово и Гостивар. Шумските работници во неизвесност Бари Џафери, од подшарпланинското село Ломница навлезе во седмата деценија од животот. Речиси сиот живот го поминал токму во подножјето на најголемиот планински масив во земјава. Од рана возраст работи како дотурач на огревно дрво. Тој со неговите десетина маски ги пренесува исечените дрва од непристапни терени до шумскиот пат од каде можат да се товараат на камиони. Последниве години во работата му помагаат и децата. Со оваа макотрпна работа обезбедува егзистенција за целото семејство. До него и неколкумина секачи и физички работници допреле најавите за прогласување на подрачјето во кое работи за национален парк. Возраста го тера на трпение и да ја сочека новата реалност. – Се зборуваше нешто и пред тоа. Не знам што ќе се менува, ама знам дека луѓето мора да работат. Дрвата за огрев мора да се носат од планина. Така било отсекогаш, а така ќе биде уште долго. Луѓе во шума мора да има, вели Бари. Овој прекален шумски работник не очекува дека во скоро време нешто драстично ќе се смени. Но, шеговито додава, ако туристите за шетање низ планина даваат повеќе пари, моите маски нема да пребираат што ќе носат на грбот. Мала неизвесност со најавите дека дел од Шар Планина ќе биде прогласен за национален парк, владее и кај вработените во подружниците на ЈП „Национални шуми“ во Тетово и Гостивар. Државните шуми се дадени на стопанисување на ЈП „Национални шуми“. Искористувањето на шумите како сегмент е особено важен за економското опстојување на најголемото шумско претпријатие во земјава. Некои од вработените се скептични. Мислат дека за нив ќе смени животот и ќе треба да бараат друг начин на заработување. Тоа доаѓа од толкувањето дека правилата за искористување на шумите ќе бидат сменети. Преговори за подобро управување со шумата Прогласувањето на Шар Планина за национален парк директно ќе влијае во работењето на ЈП „Национални шуми“, односно нивните подружници во гостиварско-тетовскиот регион. На подружницата Лешница – Тетово ќе му бидат одземени четири Шумско стопански единици (ШСЕ) и државното ловиште Лешница, а на подружницата Шар-Гостивар ќе му бидат одземени делови од две ШСЕ. Во мислењето доставено во постапката која претходи за прогласување и носење на законот, со допис предупредуваат дека се директно засегната страна. Укажуваат на негативните финансиски и социоекономски импликации. Тие се однесуваат и на сите директно и индиректно инволвирани лица и фирми и ќе бидат засегнати од новиот режим на работа. За да се усогласат барањата и можностите во тек се преговори. Со нив треба прецизно да се уреди и реши статусот на шумските работници. – Дел од нашите барања и точките со забелешки се прифатени. Тоа го оценуваме како позитивна работа на почетокот од овие преговори. Ова е важно, бидејќи претстојат и активности со кои се опфатени токму овие наши забелешки. Со оглед на сериозниот пристап од надлежните институции и вклученоста на стручни лица владее оптимизам дека со конечното решение ќе се избегнат негативните влијанија. Секако, ќе биде потребна реорганизација во некои единици, но се трудиме таа да биде во полза на вработените и другите засегнати страни. Има добри предлози и излезни решенија, но како што напоменавме сега сме во фаза на усогласување и определувањето на насоките за изнаоѓање на крајното решение, одговорија од ЈП „Национални шуми“. Упатените во оваа област го поткрепуваат оптимизмот. Очекуваат дека ќе се направи правилно прераспоредување на работниците, но и она најважното во шумата ќе се сече и работи по други правила од овие досега. Засега е рано да се прогнозира колку работници ќе продолжат со истите обврски, а колку ќе се прераспоредуваат. Државата сака да ги заштити шумите, најголемото богатство на Шар Планина Владата на 50-та седница во март годинава го одбори Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк. На ова му претходеше Решение за привремена заштита на делот од Шар Планина сè до денот на влегувањето во сила на Законот за кој во скоро време се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување. Од Министерството за екологија се пофалија дека се работи сериозно, а одлуката да дојде низ поширока дебата. Во изработката на планот како што наведува министерот Насер Нуредини се работело партнерски со експертски тим, академската заедница, иницијативата „Пријателите на Шара“. Финансиска поддршка имале и од ГЕФ/УНЕП/IUCN. Според Нуредини ова е гаранција дека идниот закон ќе обезбеди максимална заштита на природните вредности, но и почитување на потребите на засегнатите страни, пред сè на локалното население, а ќе овозможи и нови перспективи за социо-економски развој. Дрвната маса највредниот ресурс на Шар Планина Шумите на Шар Планина имаат голема вредност и тоа е наведено во нацрт извештајот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), доставен до Владата во септември 2020 година. -Шумите се еден од највредните природни ресурси со кои се одликува Шар Планина. Тие се разновидни според својот состав, возраст, структура и други карактеристики и исполнуваат голем број еколошки, заштитни, економски и социјални функции. Вредноста на шумата е важна и за економскиот дел на ЈП „Национални шуми“. Тоа го нагласуваат и во дописот со мислење во кој се наведени површините кои ќе се одземат и вредноста на дрвната маса. 1. Подружница Лешница – Тетово: со предлог границите опфатена е површина под шума од 11 илјади хектари со дрвна маса од 1,3 милиони кубни метри. Проценета вредност на насадите кои се одземаат изнесува приближно две милијарди денари или близу 31 милиони евра. 2. Подружница Шар-Гостивар ШСЕ Дуф Маздрача со предлог границите опфатена е површината под шума од 2.419 хектари со дрвна маса од 432.557 м3 и вредноста на насадите кои се одземаат изнесува 840.278.345,00 денари (околу 14 милиони евра). Под нов режим на заштита влегуваат најквалитетните и најпродуктивни шуми, на кои се заснова стопанисувањето на овие две подружници. Во мислењето на „Национални шуми“ предупредуваат дека се става во прашање функционирањето на овие две подружници во кои постојано вработени се близу осумдесет лица (74) лица и други лица кои се ангажирани на определено време. Тука се и повеќе економски оператори/фирми кои како тендераши работат во овие подружници. Планинскиот туризам како нова можност за заработка Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во својство на предлагач на закон, уверува дека со понудените решенија се опфатени и клучните прашања како управувачката структура и начинот на функционирање. – Во креирањето на границите на националниот парк се внимаваше да се обезбеди хомогеност на зоните, да се следи теренската конфигурација и да одговара на соседните паркови во земјава и Косово. Владата во рок од три месеци од донесувањето на законот ќе основа Јавна установа национален парк во која ќе се воспостави ренџерска служба. Таа ќе се формира со преземање на вработени од Национални шуми од Тетово и Гостивар, стручни лица кои најдобро го знаат теренот, рече Нуредини и додава дека конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето ќе се уредат во Планот за управување кој се носи во рок од една година. За првата година обезбедени се шест милиони денари, за да обезбеди нормално функционирање. Доколку помине во Парламентот, ова ќе биде прво прогласување на национален парк од осамостојувањето. Со ваков статус во 1958 година се стекнала Галичица. Според истражување на Македонското еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“, околу 83 отсто од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк. Носењето на добар закон е од особена важност, бидејќи во самиот парк и непосредната близина има 156 населени места од кои две се градски средини со близу 300 илјади жители. Многумина како Бари од Ломница, што живеат и опстојуваат од работата во шума очекуваат конкретни решенија. Една од опциите за надоместување на претпоставените загуби од сеча и продажба на огревно дрво, е локалното население да прејде кон туризмот и други алтернативни начини на приходување. Експерти велат дека овој регион е исклучително атрактивен за гости и има што да понуди. За клучни придобивки од заштитата на Шар Планина меѓу другото, министерот Нуредини вели дека во границите на НП Шар Планина вклучени се сите планински села за да се обезбеди еднаков третман и можности за нивен иден развој. Појасни дека на жителите во селата што се наоѓаат во зоната за одржливо користење, ќе им биде овозможено непречено функционирање и додаде дека покрај зачувувањето на природното богатство, прогласувањето на Шара за национален парк значи социо-економски развој преку инвестиции за подигнување на стандардот, инфраструктурата, развој на туризмот, органското земјоделство и другите екосистемски услуги. Зоран Г. Маџоски  

Остани поврзан