• сабота, 16 ноември 2024

Национален парк Шар Планина организира санитарен отстрел на диви свињи за да се спречи ширење на болест

Национален парк Шар Планина организира санитарен отстрел на диви свињи за да се спречи ширење на болест

Тетово, 9 ноември 2023 (МИА) - Од оваа недела па се до крајот на јануари 2024 година секој викенд ќе има санитарен отстрел на диви свињи со цел спречување на ширење на болеста африканската чума на територија на Националниот парк Шар Планина, информираат денес од оваа јавна установа.

Одлуката се образложува со тоа што африканската чума кај дивите свињи претставува ризик по здравјето и безбедноста на луѓето, а истовремено и потенцијален ризик за губење на популацијата на дивата свиња во Националниот Парк Шар Планина.

-За таа цел управата на Националниот парк донесе одлука за спроведување заштитни и контролни мерки. Ги информираме љубителите на природата дека во временски период од шест до 14 часот, секоја недела од 12 ноември оваа година до 31 јануари 2024 година, со исклучок на 31 декември, ќе се спроведува засилен и санитарен отстрел во соработка со: здружение Ловечко друштво „Кучи Баба“;  здружение Ловечко друштво „Шќипоња е шарит“;  Ловечко друштво „Шар Планина“ - Тетово и Ловечко друштво „Љуботен“ – Вратница. Одлуката се спроведува согласно Решението за спроведување заштитни и контролни мерки во однос на африканската чума кај дивите свињи број 10-559/8 од шести јули годинава, донесено од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија, а со кое целата територија на државата е прогласена за високо ризична зона, соопштија денес од НП Шар Планина.

Од националниот парк апелираат да секој посетител на Шар Планина избегнува движење областите каде што ќе се врши отстрел. Локациите за спроведување на оваа мерка се објавени во рамки на самата одлука на интернет страницата на Национален парк во делот инфо и соопштенија. ас/ сан/

Фото: МИА архива / НП Шар Планина 

Остани поврзан