• петок, 22 ноември 2024

Наставниците и стручните служби од Општина Центар ги завршија обуките против меѓуврсничкото насилство

Наставниците и стручните служби од Општина Центар ги завршија обуките против меѓуврсничкото насилство

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Општина Центар додели сертификати на наставниците и стручните соработници од сите училишта на територијата на оваа општина кои ги посетија обуките за рано препознавање, решавање и превенција на врсничко насилство – булинг.

Како што информираат од општинската прес-служба, обуките биле одржани во соработка со Здружението „Европски соѕвездија“ во КСП Центар –Јадро од страна на универзитетски професори.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски при доделувањето на благодарниците порачал дека булингот не е наивен проблем туку крајно сериозен и како таков треба да се сфати. Тој им порачал на наставниците и стручните лица од училиштата да го применуваат стекнатото знаење од обуките и сериозно пристапат кон решавање на проблемите со меѓуврсничкото насилство.

-Врсничкото насилство не смее да се игнорира. Тоа може да предизвика сериозни последици по здравјето на учениците и семејството затоа ние како локални самоуправи имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за поголема безбедност во образовните установи. Нашите наставнички и стручниот кадар ги завршија обуките за рано препознавање и решавање на булингот меѓу учениците и искрено верувам дека новите знаења кои ги добија од професори стручни во областа ќе ги применат во пракса и ќе преземат соодветни мерки кога ќе препознаат меѓуврсничко насилство меѓу учениците, рече Герасимовски. 

Тој ги повика и родителите да се вклучат во целиот процес. Според него, за искоренување на оваа појава сите три алки се исклучително важни, наставници, стручна служба и родители.

- Воспитувањето доаѓа од дома затоа да разговараме за проблемите, укажеме на примерното однесување и зборуваме за последиците од исмевањето, рече Герасимовски.фф/мд/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан