• петок, 22 ноември 2024

Народна банка: Речиси сите макроекономски показатели се движат во согласност со очекувањата

Народна банка: Речиси сите макроекономски показатели се движат во согласност со очекувањата

Скопје, 20 јануари 2022 (МИА) - Речиси сите макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата. Но, неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и нејзините ефекти и понатаму постојат, заклучи на седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

На седницата на Комитетот одржана  вчера биле разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

- Оцената на последните макроекономски показатели и на амбиентот на монетарната политика не упатува на тековна потреба од промена во основната стапка, но упатува на потреба од будно следење. Оттука, на седницата на Комитетот беше одлучено основната каматна стапка да остане на нивото од 1,25 проценти, а на аукцијата на благајнички записи да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари. При носењето на одлуките за монетарната политика, Народната банка особено ги има предвид движењата кај девизните резерви и кај инфлацијата, стои во соопштението од Народна банка.

Се дополнува дека девизните резерви и натаму се во сигурната зона, а остварувањата во 2021 година се малку подобри од очекувањата според последните проекции.  - Збирно за целата 2021 година,  девизните резерви пораснаа за 283 милиони евра, што е малку повеќе од очекуваното. Во однос на факторите коишто влијаат на остварувањата кај девизните резрви, не располагаме со целосни податоци, но согласно со последните расположливи податоци, трговскиот дефицит и менувачкото работење соодветствуваат со проекциите. На девизниот пазар во декември, под влијание на сезонски зголемената понуда на девизи на менувачкиот пазар, којашто е вообичаена за периодот пред новогодишните и божиќните празници, банките имаа зголемен откуп на странски девизни средства, што заедно со нивната солидна девизна ликвидност овозможи задоволување на зголемената побарувачка за девизи на корпоративниот сектор. Во такви околности, Народната банка беше присутна на девизниот пазар само повремено, со умерени интервенции за продажба на девизи, велат оттаму.

Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на цените за 2021 година е во рамки на проекцијата. Во просек за целата 2021 година, годишниот раст на цените изнесува 3,2 проценти, при проектиран раст од 3,1 процент.

- Сепак, како и во глобални рамки, во последниот период, годишниот раст на цените забрза, а очекувањата за увозните цени се коригирани нагоре. Ценовните притисоци се последица на растот на цените на примарните производи и приспособувањата поврзани со специфичноста на пандемијата, за коишто меѓународните финансиски институции очекуваат постепено стабилизирање. Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. И покрај тоа, потребно е внимателно следење. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата, како и од зголемената неизвесност на светските пазари на енергенси. Доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, Народната банка е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага, наведуваат оттаму.

Додека, во однос на движењата во реалната економија, во третиот квартал од 2021 година, бруто домашниот производ бележи реален раст од 3 проценти на годишна основа.

- Овие остварувања упатуваат дека домашната економија и натаму постепено закрепнува, во услови на натамошна имунизација на населението и без поголеми негативни ефекти од појавата на четвртиот бран на Ковид-19 во овој период. Во просек, во првите три квартали на 2021 година, економијата бележи реален раст од 4,6 проценти, што е блиску до очекувањата на Народната банка од октомвриската проекција. Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври ‒ ноември главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност. Имено, податоците за овој период покажуваат продолжување на високите годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството. Од друга страна, во овој период индустриското производство забележува пад, но поумерен во однос на претходниот квартал, а поблаг годишен пад покажуваат и податоците за октомври кај извршените градежни работи, стои во соопштението од Народна банка.

Според нив, закрепнувањето на економијата е поддржано од солидните движењата во монетарниот сектор. Според првичните податоци за декември 2021 година, движењата кај депозитите и кредитите се над нивото проектирано за последниот квартал на 2021 година, согласно со октомвриската проекција.

- На меѓународните финансиски пазари при намалена загриженост на инвеститорите од негативните последици од ширењето на варијантата „омикрон“, во декември во центарот на нивното внимание беше повлекувањето на монетарниот стимул од страна на централните банки оваа година. Во такви услови, цените на најбезбедните државни обврзници издадени од водечките економии во светот имаа претежно надолен тренд, односно нивните приноси забележаа пораст, којшто беше поддржан и од зголемените инфлациски очекувања, велат оттаму.

На седницата на Комитетот било заклучено дека речиси сите макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата. Но, неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и нејзините ефекти и понатаму постојат. ФЕД и ЕЦБ, како централни банки кои што значајно делуваат врз глобалните финансиски пазари, иако сѐ уште не ја зголемиле основната каматна стапка, започнале со постепено намалување на монетарниот стимул како одговор на економското закрепнување и порастот на цените.

Од Народна Банка велат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат трендовите, ризиците и промените на глобалните услови и се подготвени за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум.ар/лв/

 

Остани поврзан