• понеделник, 23 декември 2024

Народната Банка учествува во билатералната фаза на аналитички преглед на законодавството со ЕУ за областа „Економска и монетарна политика“

Народната Банка учествува во билатералната фаза на аналитички преглед на законодавството со ЕУ за областа „Економска и монетарна политика“

Скопје, 15 јуни 2023 (МИА) - Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристапување на нашата земја во Европската Унија, по одделни поглавја и области и во тековниот процес на билатералната фаза на аналитички преглед на законодавството (т.н. Screening) со Европската Унија.

-Во рамките на Кластерот 3 – Конкурентност и инклузивен раст, а конкретно за Поглавјето 17 – Економска и монетарна унија, излагање имаа Маја Андреевска, секретар на банката, во подрачјата за „Независност на централната банка“ и „Забрана за монетарно финансирање, забрана за привилегиран пристап до финансиски институции и супервизорски активности на централната банка“, Султанија Бојчева Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика во подрачјето „Политика на девизен курс“ и Бојан Цветковски од Дирекцијата за трезорско работење, во подрачјето „Издавање евробанкноти и монети“, информираат денеска од Народната Банка.

Во  подрачјето „Независност на централната банка“, претставниците на Народната банка истакнале  дека главната цел на централната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност, што е целосно во согласност со одредбите на Договорот за Европската Унија и Статутот на Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки. Друга цел, подредена на основната цел, е централната банка да придонесува кон постигнување и одржување на финансиската стабилност. Централната банка, велат оттаму, го поддржува економскиот раст преку своите политики, без да го загрози постигнувањето на главната цел.

Во однос на правната усогласеност во врска со прашањето за независноста на централната банка, сите четири аспекти на независноста: функционална, институционална, персонална и финансиска, се јасно дефинирани и обезбедени во Законот за Народната банка, сепак постои потреба за зајакнување на законските одредби за институционалната и финансиската независност на централната банка, истакната и во повеќе последователни извештаи на Европската комисија.

-Покрај тоа, во подрачјето „Забрана за монетарно финансирање, забрана за привилегиран пристап до финансиски институции и супервизорски активности на централната банка“ беше презентирано дека националното законодавство е усогласено со европското и од аспект на забраната за монетарно финансирање, забраната за привилегиран пристап до финансиски институции и сл. Се истакна дека во делот на супервизорските задачи на централната банка, надлежностите од постојната правна рамка се проширија со Законот за финансиска стабилност од април 2022 година, со кој е воведен макропрудентен мандат на централната банка. Предлог-измените на Законот за Народната банка, коишто се во собраниска процедура, меѓу другото вклучуваат и нови одредби со кои  дополнително се зајакнува мандатот за спроведување макропрудентна политика и преземање макропрудентни мерки, а се воведува и надлежноста за вршење активности за решавање банки, се вели во денешното соопштение од Народната банка.

Во однос на подрачјата „Политика на девизен курс“ и „Издавање евробанкноти и монети“ било објаснето дека голем дел од обврските стануваат важечки од датумот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, а потоа и со воведувањето на еврото, но, Народната банка, какко што велат, уште во оваа фаза остварува висока усогласеност со законската и оперативната рамка на ЕК и ЕЦБ. Тоа се однесува на повеќе аспекти меѓу кои и спроведувањето на политиката на девизен курс, спроведувањето на монетарната политика, издавањето банкноти и монети и сл. На крајот било истакнато дека како досега, така и во иднина, Народната банка ќе биде посветена на носење политики за зајакнување на способноста за преземање на обврските од членството во економската и монетарната унија. сст/дма/

Фото: Народна банка

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан