• четврток, 30 јануари 2025

Народната банка и ОПМ ја продлабочуваат соработката за заштита на корисниците на банкарските услуги

Народната банка и ОПМ ја продлабочуваат соработката за заштита на корисниците на банкарските услуги

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Народната банка и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) ја прошируваат својата соработка заради понатамошно унапредување на заштитата на потрошувачите корисници на услугите на банките и штедилниците. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на ОПМ Мирјана Лончар-Велкова потпишаа Анекс на Меморандумот за соработка.

Со овој документ, како што соопшти Народната банка, двете институции дополнително се обврзуваат да вршат размена на искуства, знаења и стручна поддршка во сферата на колективната заштита на правата и интересите на корисниците на финансиските услуги.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласила дека заштитата на потрошувачите е еден од приоритетите на Народната банка, како и дека банката редовно презема активности во оваа област преку унапредување на регулативата и преземање мерки.

- Пред три години се формира посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација и за првпат се започна со целни контроли во банките насочени кон заштита на корисниците на банкарските услуги. Воедно, Народната банка постојано работи и на унапредување на правната рамка во доменот на заштитата на корисниците на банкарските услуги, при што во напредна фаза е донесувањето соодветни измени во Законот за банките, посочила гувернерката и ја истакнала улогата на финансиската едукација што ја спроведува Народната банка за заштита на потрошувачите.  

Претседателката на ОПМ истакнала дека продлабочувањето на соработката со Народната банка е значаен чекор кон унапредување на правата на потрошувачите.

- Особено е важно што со овој меморандум се предвидува спогодбено решавање на споровите доколку голем број потрошувачи се оштетени од исти даватели на финансиски услуги над кои надзор врши НБРСМ. Народната банка и ОПМ заеднички ќе работат на унапредување на правната регулатива и доследно применување на прописите, нагласила Лончар-Велкова.

Двете соговорнички ја потврдиле заемната подготвеност за спроведување на заедничките активности, приспособени на актуелните предизвици и потреби на потрошувачите. бак/ац/

Фото: Народна банка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан