• сабота, 23 ноември 2024

Народната банка ги презентираше макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

Народната банка ги презентираше макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

-На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, Обединетите нации, Програмата за развој на ОН (УНДП), делегацијата на Европската Унија, како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Грција, Кина, Словачка, Словенија, Шведска, Унгарија, Франција, Холандија, Хрватска и Чешка.

-Во презентацијата беше посочено дека во октомври годишната стапка на инфлација се сведе на 3,5 отсто (во споредба со истиот месец од претходната година), со што и просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври забави. Очекуваме дека инфлацијата и натаму ќе забавува, а на  среден рок, ако нема нови шокови,  ќе се врати на историскиот просек од 2 процента. Проекциите за раст на економијата се совпаѓаат со априлските проекции, односно се очекува умерено забавување на економскиот раст во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Се очекува дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 1,9 проценти, додека на среден рок, со подобрувањето на состојбите во надворешното окружување и очекувањата за спроведување на јавните инфраструктурни инвестиции, растот ќе забрза движејќи се во распон од 3 до 4 проценти. Во однос на Надворешната позиција на економијата е значително подобра од очекуваната, во услови на стабилизирање на цените на светските пазари на примарните производи, со позитивен ефект врз девизните резерви коишто и натаму се во сигурната зона, што, пак, придонесува за натамошно јакнење на стабилноста на девизниот курс, информира Народната банка. 

Како што се наведува во соопштението, гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласила дека Народната банка, почнувајќи од крајот на 2021 година, презема повеќе мерки за стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата, како и на девизниот пазар, преку каматната стапка, инструментот задолжителна резерва, но и преку системски мерки, како што е противцикличниот заштитен слој на капиталот и макропрудентни мерки со кои истовремено се јакне и отпорноста на банкарскиот систем.

-Таа ја посочи и потребата за водење претпазливи макроекономски политики коишто влијаат врз агрегатната побарувачка, бидејќи глобалните услови и натаму се неизвесни и непредвидливи. Истакна и дека Народната банка внимателно, на дневна основа, ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, информира народната банка. хс/са/ 

Фото: Народна банка 

 

Остани поврзан