Над 30 загинати при напад на бегалски камп во Судан
- Најмалку 31 лице загина, а 13 се повредени во напад на паравоените Сили за брза поддршка (СБП) врз бегалски камп во регионот Северен Дарфур, јави ДПА повикувајќи се на организацијата „Мрежа на судански лекари“.
Картум, 17 август 2025 (МИА) - Најмалку 31 лице загина, а 13 се повредени во напад на паравоените Сили за брза поддршка (СБП) врз бегалски камп во регионот Северен Дарфур, јави ДПА повикувајќи се на организацијата „Мрежа на судански лекари“.
Метата на нападот бил кампот „Абу Шук“ во близина на градот Ел Фашер. Според организацијата, повредените биле згрижени во исклучително тешки хуманитарни и здравствени услови, бидејќи градот се соочува со сериозен недостиг на лекови, медицински кадар и храна поради опсадата од СБП.
Обединетите нации информираа дека кампот „Абу Шук“ бил нападнат најмалку 16 пати од јануари до јуни оваа година, при што загинале над 200 луѓе, а повеќе од 100 биле повредени.
Во Судан од април 2023 година трае војна меѓу паравоените СБП и суданската армија, која предизвика масовни раселувања и доведе до она што ООН го оценува како најтешка криза со глад во светот. Околу 25 милиони луѓе – половина од населението на земјата – се соочуваат со голема несигурност во снабдувањето со храна, а 3,5 милиони жени и деца страдаат од неухранетост.
Ел Фашер е последниот град во Северен Дарфур кој остана под контрола на суданската влада и е под опсада на СБП од мај минатата година. ссм/
фото: Гугл мапи