• недела, 22 декември 2024

Надоместоците за членовите на УО на „Водостопанство“ намалени за 50 отсто

Надоместоците за членовите на УО на „Водостопанство“ намалени за 50 отсто
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - Владата денеска ја разгледа Информацијата пристигната од АД „Водостопанство на Република Северна Македонија“ со план за активности за зголемување на приходите за 10 проценти и намалување на расходите за 20 отсто, откако на една од претходните владини седници беше упатено барање за појаснување околу утврдувањето на зголемувањето на надоместокот на услугите и беше упатено барање за ревидирање на платите до ова акционерско друштво. Како што соопшти владината Прес-служба, на денешната седница беше донесен заклучок со задолжување Управниот одбор да го раскине менаџерскиот договор со директорот и во иднина сите нови договори да се склучуваат со претходна согласност со Министерството за финансии. - Надоместоците за членовите на Управниот одбор во наредните 12 месеци да се намалат за 50 проценти. Во насока на намалување на расходите, Владата го задолжи АД „Водостопанство“ да ги намали капиталните инвестиции во износ од 100 милиони денари со што се намалува финансискиот план за износот кој што е предложен од нивна страна, се додава во соопштението. Владата на денешната 85-та седница ја усвои и Информацијата за преземените мерки на Министерството за животна средина и просторно планирање за подобрување на состојбата со нивото на водостојот на акумулацијата „Тиквешко езеро“, која ги содржи деталите за состојбата поврзани со оваа акумулација. - Преземените краткорочни и долгорочни мерки и активности за соодветното управување со водните ресурси на акумулацијата, имаат за цел, обезбедување на пооптимална состојба на акумулацијата и задоволување на потребите на субјектите чии дејности зависат на зафаќање вода или на друг начин се поврзани со Тиквешкото езеро, се наведува во соопштението. Како што посочува владината Прес-служба, договорено е сите субјекти кои користат вода од акумулацијата, да се придржуваат на условите пропишани во дозволата за користење на вода и заеднички да работат на одржување на нивото на водата на Тиквешката акумулација на оптималното ниво. сп/

Остани поврзан