• понеделник, 23 декември 2024

Надзорна расправа за примената на Законот за неевидентирани лица од матичната евиденција

Надзорна расправа за примената на Законот за неевидентирани лица од матичната евиденција

Скопје, 16 јануари 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната 50. седница донесе одлука за одржување надзорна расправа, што треба да ги лоцира пропустите од неспроведување на Законот за неевидентирани лица од матичната евиденција, како и да утврди дали се спроведува теренска проверка и посета на околу 700 незапишани лица од оваа категорија, особено од ромската заедница, а со цел нивно полесно и побрзо евидентирање во матичната книга на родени.

Пратеничката Љатифе Шиковска, која ја поднесе иницијативата, нагласи дека очекува надзорната расправа да даде информации за пречките, зошто не се имплементира Законот, а се однесува на Управата за матични книги на родените.

- На 30 јуни 2021 година, Собранието донесе закон за изменување и дополнување на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, со што се продолжува рокот за запишување на оваа категорија лица, но сепак не беше доволно да се постигне целта на донесувањето на измените на законот и нивна практична примена. Притоа се сомневам во правилна примена и имплементација на одредбите од член 4 од Законот за неевидентирани лица од матична евиденција, наведе Шиковска.

Како што беше појаснето на седницата од страна на претседателката на комисијата, Соња Мираковска, ќе има потреба од континуирано и координирање и работа на целата комисија, затоа што станува збор за надзорна расправа што е прилично сложена.

- Се состои од 33 чекори, треба да се вклучат сите во работењето, во давањето предлози околу тоа кој ќе земе учество, кој ќе поканиме и преку Владата, кои се тие носители од институциите кои треба да ни дадат одговори, исто така и невладини организации кои сметаме дека ќе помогнат во учеството во оваа надзорна расправа. Затоа ќе ве замолам, скоро секој ден ќе имаме барем еден час состанок, членовите на комисијата, или можеби ќе биде најдобро да договориме работна група со учесници од сите пратенички групи кои ќе сакаат поинтензивно да учествуваат во подготовката на оваа надзорна расправа, за да можеме пред сѐ солидно да ја организираме за да добиеме и солиден одговор на крај, кога ќе ја спроведеме надзорната расправа. И она што е најважно, да стигнеме до заклучоци затоа што имавме и во претходните мандати често случаи кога имаше надзорни расправи, кои не стигаа до крај, подвлече таа.

Според неа, ако се почне надзорна расправа, а не се стигне до заклучоци кои понатаму како комисија ќе треба да ги следат и да се борат за нивно спроведување, тогаш нема да имаат ефект. бд/аа/

Остани поврзан