• петок, 27 декември 2024
На денешен ден
24 април 2022 (МИА)   1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I „Молчеливиот“ од Оранж (познат како Вилијем Орански) кој од 1579 година бил прв државен поглавар на Протестантската република на Обединетата провинција на Холандија. Во борбата против Шпанија, која на Холанѓаните силно им го наметнувала римокатолицизмот, бил заповедник на холандската револуционерна војска. Во јули 1584 бил убиен од Балтазар Жерар по налог на шпанскиот крал Филип II. 1731.- Умрел англискиот писател Даниел Дефо, кој објавил повеќе од 250 дела, но светска слава му донесол романот „Робинсон Крусо“. Други негови познати дела се „Мол Фландерс“, „Полковник Џек“ и „Роксана“. 1854.- Врховниот суд на САД донесол пресуда дека патентот за машина за шиење му припаѓа на механичарот Елиас Хау. Тој ја конструирал машината за шиење и во потрага за покровител отишол во Англија, каде директорот на патувачкиот театар „Сингер“ и други луѓе го измамиле и почнале да ја произведуваат познатата „сингерка“. Своето право на патентот, Хау го добил по судски пат и секојдневно примал по 4.000 долари за лиценцата. 1856.- Роден е францускиот маршал Анри Филип Петен, херој од Првата светска војна и победник над Германците кај Верден, кој во Втората светска војна застанал на чело на владата во Виши. Соработувал со германските окупаторски власти и поради тоа по доаѓањето на Де Головите трупи бил осуден на смрт, но заради поранешните успеси, казната му била заменета со доживотна робија. 1877.- Рускиот цар Александар II му објавил војна на Османлиското царство бидејќи одбил да го исполни Лондонскиот договор. Војната во која Русија тежнеела да излезе на Босфорот и во Херцеговина завршила во декември истата година со руското освојување на Плевна, но Турците ги спасила британската флота која била закотвена во Дарданелите, по што Александар II морал да се повлече. 1904.- Роден е американскиот сликар од холандско потекло Вилхелм де Кунинг, втемелувач на апстрактниот експресионизам кој во четириесеттите години од 20. век битно влијаел на преобразбата на сликарството во САД. 1905.- Роден е американскиот писател Роберт Пен Ворен. Дела: „Сите луѓе кралеви“, „Ноќен јавач“, „Пештера“, „Единаесет песни на исто место“, „Инкарнација“, „Избрани песни“, „Разбирање на прозата“, „Разбирање на поезијата“,„Демократија и поезија“. 1905.- Во селото Цер, Кичевско, во борба против турската војска загинал (се самоубил заедно до единаесетмината негови соборци) Христо Узунов, еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев. Роден бил во Охрид, на 22 февруари 1878 година. 1918.- Во Даблин избило востанието на Ирците со кое била прогласена слободна Ирска Република, но британските трупи за само една недела го задушиле востанието и спровеле силна одмазда. Водачите на востанието биле стрелани. 1934.- Родена е американската филмска актерка Ширли Меклејн, брилијантна комичарка. Напишала повеќе книги со автобиографски карактер. Филмови: „Неволји со Хари“, „Апартман“, „Слатката Ирма“, „Добро утро мистер Гудбар“, „Артисти и модели“, „Некои дотрчаа“, „Време на нежност“ (Оскар). 1942.- Родена е американската актерка и пејачка Барбара Стрејсенд. Нејзини најпознати филмови се „Смешна девојка“, „Девојката која ја сакав“, „Ѕвездата е родена“, „Јентл“ и „Огледалото има две лица“. 1945.- Американската Армија во Втората светска војна го ослободила германскиот нацистички концентрационен логор Дахау. 1949.- Во Скопје се одржало првото Универзитетско собрание во Македонија. Притоа бил формиран Скопскиот универзитет. Во 1969 година, при одбележувањето на 20-годишнината од работата, Универзитетот го добил името „Кирил и Методиј“, а од 12 ноември 1992 година – „Свети Кирил и Методиј“. 1950.- Создадена била државата Јордан со спојување на кралствата на Трансјорданија и Палестина под јорданска окупација. 1967.- Советскиот космонаут од руско потекло Владимир Михајлович Комаров загинал при приземјувањето на вселенскиот брод „Сојуз 1“ поради грешки во падобранскиот систем. Тоа бил неговиот втор вселенски лет. На 12 и 13 октомври 1964 година бил командант на вселенскиот брод „Васход“. 1970.- Лансиран бил првиот кинески вештачки сателит. 1971.- Советските космонаути успеале да се спојат со леталото кое било без човечки екипаж што претходело на изградбата на првата вселенска лабораторија во орбитата околу Земјата. 1984.- Во Њујорк умрел Харолд Арлен, американски композитор, автор на голем број популарни песни меѓу кои најпозната е „Над виножитото“, која во филмот „Волшебникот од ОЗ“ ја пее Џуди Гарланд. Тој компонирал повеќе од 500 песни од кои многу биле специјално напишани за филмови и за претстави на Бродвеј. Во 1939 година, тој добил „Оскар“ за музиката во филмот „Волшебникот од ОЗ“. 1990.- Источна и Западна Германија го одредиле 2 јули како датум за економско обединување, како вовед во целосно обединување на двете германски држави на 3 октомври 1990 година. 1993.- Умре Митко Илиевски, еден од основоположниците на Катедрата по филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Роден бил во селото Блатец, Виничко, на 17 мај 1924 година. 1995.- Владата на Република Македонија донесла одлука за воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Полска на амбасадорско ниво. 2003.- Во Багдад се предал Тарик Азиз, поранешен заменик-премиер на Ирак, кој бил 43-ти на списокот на САД на 55 најбарани припадници на соборениот режим на Садам Хусеин. 2004.- Кипарските Грци на референдум со мнозинство од 75,8 насто од гласовите се изјасниле против планот на Обединетите нации за обединување на Кипар, а на паралелниот референдум кипарските Турци го поддржале со 64,9 гласови. 2005.- Умрел поранешниот израелски претседател Езер Вајцман, кој имал клучна улога во постигнувањето на мировниот договор меѓу еврејската држава и Египет во 1979 година. 2008.- Умрел Тристрам Кери, англиски композитор, творец на електронската музика. По студиите на Оксфорд емигрирал во Австралија каде го основал музичкото електронско студио по примерот на тоа од 1967 година кое го основал во Музичкиот кралски колеџ во Лондон. 2011.- Индискиот духовен лидер Саи Баба, еден од најпознатите гуруа во Индија, починал во болница на 85-годишна возраст поради проблеми со срцето. Милиони поддржувачи на Саи Баба ширум светот веруваат дека тој имал натприродна моќ, како што се можностите да прави предмети од воздух, да се сеќава на претходните животи и да лекува смртоносни болести. Тој тврдел дека е реинкарнација на поранешниот духовен лидер Саи Баба од Ширди, кој починал во 1918 година. Неговата организација финансирала здравствени и образовни проекти во Индија, вклучувајќи болници и клиники кои тврделе дека можат да лекуваат болести кои медицината не може да ги излекува. 2011.- На Националната арена „Филип Втори“ во Скопје биле пуштени во употреба целосно реконструираните северна, источна и западна трибина. Постоечката јужна трибина која исто така била опфатена со реконструкцијата е изградена во 1978 година, а камен-темелникот за изградба на останатите трибини бил поставен во 2009 година. 2014.- На 93 години во Вроцлав починал Тадеуш Ружевич, еден од најголемите современи полски поети, добитник на бројни меѓународни книжевни награди, меѓу кои и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1987 година. Позначајни книги поезија на Ружевич се „Црвената ракавица“, „Времето што поминува“, „Зелената роза“, „Лице“, „Третото лице“, „Собрани песни“ и други. Ружевич бил и еден од најголемите драмски писатели и еден од клучните претставници на полскиот „театар на апсурдот“. Напишал 12 драми, од кои најпознати се „Картотека“, „Старицата седи чекајќи“ и „Стапица“. Тадеуш Ружевич бил роден на 9 септември 1921 година во Радомско, во близината на Лоѓ.   ###

Остани поврзан