• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
9 февруари 2021 (МИА) 1540.- Во местото Рудај Филдс, во близина на англискиот град Честер, се одржала првата трка со коњи во светот. 1573.- По поразот на востанието на Матија Губец во Стубичката битка, задушена била Селанската буна на хрватско-словенечките селани. Матија Губец бил заробен, а потоа погубен во Загреб, на 15 февруари 1573 година. 1849.- Италијанскиот револуционер Џузепе Мацини го прогласил Рим за Република. 1880.- Умел Измаил Иванович Срезњевски, руски славист. Се занимавал со изучувањето на историската граматика на словенските јазици, со палеографијата, со украинскиот фолклор и етнографијата. Главни негови дела се: „Мисли за историјата на рускиот јазик“, „Стари споменици со руско писмо и јазик“, „Словеноруска палеографија“ и други. Роден е на 1 јуни 1812 година. 1881.- Во Петроград умрел Фјодор Михајлович Достоевски, голем руски и светски писател. Неговото влијание врз развојот на светската литература е од извонредно значење. Во карактерот на своите ликови го открива процесот на поделеноста на вниманието на читателот врз моралната содржина на своите романи. Конструирал фабули со криминалистички заплет. Поради револуционерната активност бил прогонет во Сибир. Меѓу неговите најпознати дела се романите и расказите "Бедни луѓе", "Бели ноќи", "Злосторство и казна", "Браќата Карамазови", "Идиот", "Записи од мртвиот дом" и други. Роден бил во Москва, на 11 ноември 1821 година. 1934.- Во Атина - Грција, Романија, Турција и Кралството Југославија го поптишале Балакнскиот пакт заради зачувување на територијалниот поредок на Балканот. Пактот се распаднал под притисок на Германија и практично бил растурен пред избувнувањето на Втората светска војна. 1942.- На францускиот патнички брод „Нормандија“, тогаш најголем и најелегантен во светот во својата категорија, избил пожар, по што бродот потонал во њујоршкото пристаниште. 1944.- Во Охрид умрел Кирил Прличев, деец на ВМРО и журналист, син на Григор Прличев. Учесник бил во Илинденското востание во четата на Христо Чернопеев. Бидејќи едно време бил протоѓеровист, во 1931 година под притисок на Иван Михајлов се откажал од политичката активност во редовите на Организацијата. За време на Втората светска војна бил директор на Музејот во Охрид. Роден бил во Охрид, на 1 март 1875 година. 1945.- Во Лос Анџелес е родена американската актерка Миа Фароу. Во 1964 година ја глумеше главната улога во телевизиската серија „Гратчето Пејтон“, при што се стекнала со голема популарност. По две години, таа ја напуштила серијата и добила голем публицитет откако стапила во брак со 30 години постариот американски пејач и актер Френк Синатра. 1945.- Научникот Селман Ваксман и неговиот студент Алберт Шац го откриле антибиотикот стрептомицин наменет за болните од туберкулоза. Ваксман својот прв антибиотик го открил во 1940 година, но тој се покажал токсичен по здравјето на луѓето. 1957.- Умрел некогашниот регент на Унгарија грофот Миклош Хорти. Од 1920 до 1944 година бил на чело на земјата. Унгарија ја вовел во Втората светска војна на страната на Германија и учествуваЛ во распарчувањето на Кралството Југославија. 1962.- Јамајка станала независна држава во рамките на британскиот Комонвелт. 1977.- Умрел рускиот конструктор на авиони Сергеј Владимирович Иљушин, кој за три децении конструирал повеќе од 50 типа авиони. Посебно е познат по оклопниот јуришен авион „Il-2“ за потребите на советското воено воздухопловство во Втората светска војна и патничките авиони конструирани по војната („Il-12“, „Il-18“, „Il-62“, „Il-86“). 1984.- Умрел Јуриј Владимирович Андропов, шеф на советската држава по смртта на Леонид Брежњев. 1991.- На референедум во Литванија, од кој биле исклучени граѓаните од руска националност, повеќе од 90 отсто од избирачите гласале за отцепување од Советскиот Сојуз. 1994.- Лидерот на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат и шефот на израелската дипломатија Шимон Перес постигнале договор за безбедносните прашања кои го кочеле мировниот договор меѓу ПЛО и Израел. 1995.- Република Македонија и Република Индија воспоставиле дипломатски односи. 1999.- Народна Република Кина ги прекинала дипломатските односи со Република Македонија поради воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Кина Тајван. 2003.- Папата Јован Павле Втори упатил драматичен апел против американската инвазија на Ирак, а потоа упатил и личен пратеник во мировна мисија во Багдад. Тоа не го спречило Вашингтон од намерите без одобрение на Обединтеите нации да ја нападне таа арапска земја, со изговор дека под режимот на Садам Хусеин имало оружје за масовно уништување. 2005.- По долго и тешко боледување починал познатиот телевизиски и радиски српски новинар Милован Илиќ Минимакс. Тој постигнал голем успех со емисијата „Точно на пладне“, попозната како „Туп-туп“, која ја водел 22 години. 2012.- Од денеска една улица во Прага почнува да го носи името „Македонска“. На церемонијата на свеченото пуштање во употреба присуствувале претставници на локалната власт и македонската амбасада во Чешка, како и Македонци кои живееле во чешката метропола. Иницијативата ја поднел чешкиот граѓанин, Петр Кунеш, кој како туристички работник и патеписец, идејата ја добил пропатувајќи ја Македонија. ###

Остани поврзан