• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
29 јануари 2022 (МИА)   1573.- Под водство на Матија Губец, во Хрватска избувнала Селанската буна против неподносливите услови за живот што ги наметнале австриските и унгарските феудалци. Била една од најголемите селански буни во Европа во тоа време. Востанието било крваво задушено, а водачот Матија Губец погубен во Загреб, на 15 февруари 1573 година. Хрватскиот писател Август Шеноа по тој повод го напишал романот "Селанска буна". 1635.- Ришеље ја основал „Француската академија“ (подоцна Институт), додека француската „Академија на науките“ ја основа Луј Четиринаесетти во 1666 година по сугестија на Жан Батиста Колбер. 1688.- Роден е шведскиот мистик, филозоф и истражувач Емануел Сведенборг, автор на специфичното мистичко-теозофско учење. За неговите визии пишувал Имануел Кант во написот „Соништата на еден духовник“. Неговите дела се многу читани и денеска. Дела: „Opera philosophica et mineralia“, „Arcana coesestica“, „De nova Hierosolyma“. 1843.- Роден е американскиот државник Вилијам Мекинли, кој бил претседател на САД од 1897 до 1901 година. На Шпанија и објавил војна во 1898 година, за да ги одземе од неа Филипините, Порторико, Гуам и Куба, започнувајќи ја така ерата на отворен американски империјализам. Бил убиен во атентат во 1901 година. 1860.- Во Таганрог е роден Антон Павловиќ Чехов, новелист, раскажувач и драмски писател. Извршил големо влијание врз развојот на новелистиката и драмската литература во светот. Во своите новели дал голем број карактеристики на руското секојдневие и цела галерија промашени, несреќни и несфатени луѓе. Најпознати дела му се драмите "Галеб", "Три сестри", "Вујко Вања" и "Вишновата градина", како и збирките раскази "Човекот во футрола", "Куќа на кат", "Селани" и други. Умрел во Баденвалер, во Германија на 15 јули 1904 година. 1866.- Роден е Ромен Ролан, француски раскажувач, романсиер, драматург, музиколог и борец за мир и демократија. Познати се неговите дела "Жан Кристоф", "Кола Брењон", "Маѓепсана душа", "Четиринаесетти јули", "Дантон", потоа делата за животот на Бетовен, на Микеланџело и на Толстој. Во 1915 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел на 30 декември 1894 година. 1886.- Карл Бенц ги прикажал своите „кочии без коњ“. Неговата моторизирана кочија го означи почетокот на автомобилската индустрија која набрзо го освои светот. 1896.- Американскиот лекар Емил Граб прв ја употребил терапијата со зрачење во лекувањето на ракот на белите дробови, применувајќи ја во Чикаго врз пациентката Роуз Ли. 1916.- Германците во Првата светска војна првпат од цепелин го бомбардирале Париз. 1916.- Британската армија во Првата светска војна првпат ги тестирала тенковите во местото Хетфилд во Англија. 1941.- Умрел грчкиот генарал и државник Јоанис Метаксас, кој како претседател на владата и министер за војска во 1936 година го распушти парламентот и воспоставил диктатура. Учествувал во војната против Туците во 1897 година и во Балканските војни во 1912 и 1913 година. Во Втората светска војна во октомври 1940 година го одбил улиматумот од Италија организирајќи решавачки отпор кон италијанската агресија. 1949.- Велика Британија го признала Израел. 1950.- Во Скопје бил формиран Сојузот на филателистите на Македонија. 1963.- Францускиот претседател Шарл де Гол ставил вето на приемот на Велика Британија во Европската економска заедница. 1963.- Умрел американскиот писател Роберт Ли Фрост, четирикратен добитник на Пулицеровата награда за поезија. Дела: „Северно од Бостон“, „Потокот што тече на Запад“, „Собрани песни“. 1973.- Во Адис Абеба почнало заседанието на Советот за безбедност на ООН, прво заседание на овој орган на ООН на африканскиот континент. 1989.- По седумгодишното недоразбирање и меѓународна арбитража, Израел на Египет му го вратил градот Табу на Црвеното Море. Овој град Израел го држел од војната во 1967 година, во која ги победил сите арапски земји. 1994.- Австралијанката Улрике Мајер, двократна светска првенка во скијање, умрела од здобиените повреди при падот во натпреварот во спуст за Светскиот куп. 1996.- Венецијанската оперска куќа „Ла Фениче“ исчезнала во пожар, вторпат во текот на нејзиното 204-годишно постоење. 2005.- Умрел израелскиот писател, сатиричар, сценарист и режисер Ефраим Кишон. Дела: „Не е фер Давиде“, „Уште малку па вистината“, „Лисица во кокошарник“, „Дома е најлошо“, „Јаболкаото е виновно за се“. Филмови: „Салах Шабати“, „Блаумилхов канал“. 2005.- Умрел режисерот и сценарист Живорад Жика Митровиќ. Филмови: „Ешалонот на д-р М“, „Капетан Леши“, „Марш на Дрина“, „Ужичка република“, „Мис Стон“, „Сигнали над градот“, „Солунски атентатори“, „Невесинска пушка“, „Тимочка буна“. 2012.- На 93-годишна возраст умре поранешниот италијански претседател Оскар Луиџи Скалфаро. Тој бил еден од ретките политичари во Италија кој ги обавувал сите три највисоки функции во земјата: шеф на државата, претседател на Сенатот и претседател на Долниот дом на Парламентот. 2015.- На 81 година умрел Род Меквејн, американски поет, текстописец и пејач. Меквејн е автор на песните „Jean“ од филмот „The Prime of Miss Jean Brodie“ за која во 1969 година бил номиниран за Оскар. Тој бил плоден композитор и соработувал со уметници како Џони Кеш, Барбара Стрејсенд, Доли Партон и Френк Синатра. Имал објавено 30 книги поезија вклучувајќи и „Listen to the Warm“ која е продадена во милионски тираж, а ја има добиено и наградата Греми за „Lonesome Cities“. 2020.- Во сообраќајна несреќа на 69 години животот го загуби македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски Буштур. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој во сезоната 1975/76 популарниот Буштур, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите. Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија, селекција која предводена од Лазар Лечиќ, ја освои Балканијадата во Ријека во 1970 година. Година дена подоцна, беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде се закити со сребреното одличје. Како дел на селекцијата на СФРЈ, во 1976, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт. По осамостојувањето, Георгиевски беше и селектор на македонската сениорска репрезентација, член на УО и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, а беше и претседател на олимпискиот совет при МОК. Популарниот Буштур е роден на 15 октомври во Скопје.   ###

Остани поврзан