• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
16 декември 2020 (МИА) - Национален празник на Република Етиопија 1485.- Родена е шпанската принцеза Катарина Арагонска, прва од шесте жени на англискиот крал Хенри VIII. Разводот во 1533 година, извршен без дозвола од папата, предизвикал реформи во англиската црква и прекин со Ватикан. Хенри VIII се разведувал повеќепати бидејќи немал машки деца кои би биле наследници на престолот. 1678.- Умрел англискиот економист Вилијам V, творец на теоријата на работните вредности, кој според Карл Маркс ги поставил темелите на политичката економија како наука. Дела: „Нешто за парите“, „Политичка анатомија на Ирска“, „Политичка аритметика“. 1770.- Во Бон е роден Лудвиг Ван Бетовен, германски композитор, еден од најголемите композитори на сите времиња. Универзалноста на неговата генијалност се гледа во поетското и длабоко доживеано отсликување на природата, во непосредното изразување на лирските и љубовните чувства, во вербата во посреќната иднина и создавањето на општочовечкото богатство. Компонирал девет симфонии, сонати и други музички дела. Умрел во Виена, на 26 март 1827 година. 1773.- Незадоволна од високите увозни царини и од британската колонијална власт, група американски колонисти, во бостонското морско пристаниште ги исфрлила сандаците полни со чај од еден британски брод. Тој случај, подоцна наречен „бостонска чајанка“, ја навестил американската војна за независност започната во 1775 година. 1775.- Родена е англиската писателка Џејн Остин. Таа во романите реалистички го слика секојдневниот живот на англиската провинција. Заплетите на нејзините романи, проткаени со хумор и блага иронија се едноставни и произлегуваат од психологијата на ликовите во обичните човечки односи, а дијалогот е многу вешто воден. Дела: „Гордост и предрасуди“, „Менсфилдски парк“, „Ема“ и други. 1859.- Умрел германскиот писател Вилхелм Грим, собирач и обработувач на народни бајки кои како и повеќето други дела ги објавил заедно со неговиот постар брат Јакоб. Тој ја проучувал и митологијата. 1869.- Во Ресен е роден д-р Христо Татарчев, еден од основоположниците на БМОРК – првото основачко име на Македонската револуционерна организација во Солун, во 1893 година. Бил претседател на Организацијата од нејзиното основање, па се до 1901 година. Умрел на 5 јануари 1952 година, во Торино, Италија. 1899.- Роден е англискиот писател, актер и пејач Ноел Кауард, многу популарен меѓу Првата и Втората светска војна во Велка Британија и САД. Пишувал и режирал драми, комедии и музички ревии, а според повеќето негови комедии се снимени и филмови. Дела: „Збор и музика“, „Приватен живот“ и други. 1912.- Во селото Војница, Велешко, е роден Коле Неделковски, истакнат македонски поет и револуционер. Во 1940 година ја објавил првата стихозбирка „М'лскавици“, а во 1941 година и втората збирка „Пеш по светот“. Се самоубил при прогон од бугарската фашистичка полиција во Софија, на 2 септември 1941 година. 1917.- Роден е англискиот писател и визионер Артур Кларк. Во неговите научно-фантастични романи и приказни главни теми се истражувањето на вселената, морските длабочини, како и времето. Го интересирале и последиците на можните човечки контакти со вонземска цивилизација. Дела: „2001: Одисеја во вселената“, “2001: Конечна одисеја“, „Крај на детството“, „Град и ѕвезди“, збирката приказни „Од другата страна на небото“, „Приказни за десет света“, „Средба со Медуза“, „Сончев ветер“. 1920.- Силен земјотрес ја погодил Кина, при што ја опустошил провинцијата Шанси. Под урнатините на зградите загинале околу 180.000 луѓе. 1921.- Умрел Камиј Сен-Санс, француски композитор, главен претставник на класичниот правец во француската музика од 19. век. Најзначајно дело му е операта „Самсон и Далида“. Роден бил на 3 октомври 1835 година. 1944.- Германците во Втората светска војна во Ардените, со силна артилериска подготовка и со спуштање на 1.500 падобранци, ја започнале контраофанзивата на Западниот фронт, изненадувајќи ги американските сили. Во борбите кои завршиле со пораз на Германија, сојузниците изгубиле 77.000 војници, а Германците 130.000. 1945.- Во Костур, Егејска Македонија, започнал судскиот процес против 106 Македонци од гратчето Хрупишта, Костурско, обвинети за соработка со окупаторот и покрај тоа што повеќето од нив биле борци на ЕЛАС. Некои од нив биле осудени на казна доживотен затвор, а други на временски казни. 1946.- Започнала наставата на катедрите по математика, физика, хемија, биологија и географија со етнологија на Природно-математичкиот оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. 1949.- Водачот во борбата за независност Ахмед Сукарно бил избран за претседател на Индонезија, по стекнувањето на независност од Холандија. 1966.- Советот за безбедност на Обединетите нации на предлог на Велика Британија едногласно ги изгласал економските санкции против режимот на белото малцинство во Родезија. 1969.- Долниот дом на британскиот парламент ја укинал смртната казна. 1969.- Во Скопје умрел Васил Хаџиманов, македонски етномузиколог и педагог. Меѓу најзначајните негови дела се вбројуваат „Зборникот на македонски народни песни“, „Соборски народни песни“, „Македонски борбени народни песни“ и „Моми тиквешанки“. Роден бил во Кавадарци, на 14 јануари 1906 година. 1993.- Со размена на официјални документи, во Скопје, шест земји-членки на ЕУ - Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Холандија и Данска - воспоставиле целосни дипломатски односи со Република Македонија. 1995.- Со одлука на Извршниот комитет на Европската конфедерација на синдикатите (ЕКС), Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) станал член на Форумот на ЕКС. 1998.- Американски и британски авиони го нападнале Ирак. 1999.- Поранешниот германски канцелар Хелмут Кол признал дека погрешил заради прикривање на донациите на Христијанско-демократската унија, владејачката германска партија која тој ја предводел, но го отфрлил тврдењето дека станува збор за подмитување. 2004.- Новиот претседател на САД Џорџ Буш го именувал пензионираниот генерал Колин Пауел за државен секретар, кој станал прв Афроамериканец на функцијата шеф на дипломатијата. 2002.- Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана и генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон го официјализирале стратешкото партнерство на двете организации за управувањето со кризи, со што било овозможено ЕУ да создаде сопствени сили за брза интервенција и сама воено да интервенира во странство. 2003.- Швајцарското собрание ја усвоило резолуцијата со која масакрот врз Ерменците кој се случил во Турција во текот на Првата светска војна бил означен како геноцид. 2004.- Во Тајван, во престолнината Тајпеј биле монтирани најбрзите лифтови во светот (1.014 метри во минута). Биле монтирани на дотогаш највисоката зграда во светот, на облакодер од 508 метри. 2016.- По кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст почина познатата македонска пејачка и хуманитарка Есма Реџепова Теодосиевска. Го носеше епитетот „кралица на ромската песна“, а нејзината богата и меѓународна музичка кариера непрекинато траеше 55 години. Имаше репутација на светски уметник со повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени 60-ина албуми. Во мај 2013 година Есма Реџепова-Теодосиевска ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Малме со поп-пејачот Влатко Лозановски-Лозано и песната „Пред да се раздени“. Во 58-годишната историја на евровизискиот натпревар првпат една композиција делумно беше испеана на ромски јазик. Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. Највисокото признание го доби и за нејзината хуманост и подобрувањето на социјалниот живот на Ромите, зашто со сопругот Стево Теодосиевски се грижела за 47 бездомни ромски деца и го сменила нивниот живот. За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“. Есма беше и политички активна - членуваше во поранешната партија Демократска алтернатива, а почина како актуелен советник во Советот на Град Скопје од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа година беше објавена монографија за неа и нејзиниот животен сопатник и музички соработник Стево Теодосиевски од публицистот Славе Николовски-Катин. Изданието, насловено „Есма“, го објавија „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура. Есма Реџепова е родена во Скопје на 8 август 1943. 2017.- Во Скопје почина Иван Карадак, креаторот на најстарата и уникатна сатирична емисија, своевиден бренд на Македонското радио, „Хихирику“. Карадак беше познат на пошироката јавност по емисијата „Хихирику“ што секоја недела, цели 40 години одеше на првата програма на Македонското радио, во 11 часот. Големиот мајстор на сатирата велеше дека таа е коректор на власта, па која и да е и дека е здрава за секое општество: „И Господ да е на власт, сатирата е литература на отпорот и ќе најде за што да зборува“. Карадак беше автор на театарските претстави: „Угоре високо – Удолу длабоко“, „Хумористична партија“, адаптацијата на текстот „Како да ја убиеш сопругата и зошто“, три новогодишни претстави за деца, првонаградената радио-драма „Мајче“ и многу други. Беше автор и на неколку книги: афоризмите „Коприварник“, сатиричните песни „Талкач по душата“, сатиричните песни „Записи врз водата“, куси сценарија „Лајач на месечина“ и најновата книга афоризми „Мисли со Боцки“. Беше автор и на многу телевизиски драми и серии, меѓу кои: првонаградената „Цвеќе на карпата“, познатите „Камчевци“, „Алф од Ново Лисиче“, „Ало Ало“, „Агенција осамени срца“, „Балканбенд ”. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои државната награда „Св. Климент Охридски“. ###

Остани поврзан