• понеделник, 23 декември 2024

Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ на „Џифони филмски денови“

Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ на „Џифони филмски денови“
Скопје, 13 април 2022 (МИА) - Фестивалот „Џифони Македонија“ ги поканува учениците од основно (од петто до деветто одделение) и од средно образование да учествуваат на втората сесија од „Џифони филмски денови“ што ќе се одржи в сабота (16 април) од 10 часот во Кинотеката. Ќе биде прикажан белгискиот филм „Вселенско момче“ во режија на Оливер Перо. Сценариото е на Есебио Лареа и Оливер Перо. Филмот ја освои главната награда на Интернационален детски и младински фестивал во Бусан. Филмот е приказна за 11-годишниот Џим (Басил Грунбергер) на кој му се случува огромна промена во животот. Неговиот самохран татко и идол (Јаник Ренер) се подготвува за пат во вселената и решава да се преселат во друг град за да биде поблиску до опсерваторијата во која ќе работи. -Иако е посочен како филм за деца и младинци, суштината на „Вселенско момче“ е многу подлабока што го прави ова филмско остварување соодветно за лица од 7 до 77 години, се наведува во рецензијата објaвена на Гледај.мк. Гости на настанот ќе бидат членови на Марви продукција (Marvie Productions), која обединува средношколци што создаваат свои филмови. По проекцијата на филмот ќе следува дискусија, а потоа, од 12 часот,  ќе почне Филмска работилница со режисерката Марија Џиџева. Учениците може да се пријават онлајн за учество на сесијата „Џифони филмски денови“ и за учество во Филмска работилница. Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје,  Агенцијата за филм на РСМ и Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“. хс/дма/

Остани поврзан