• недела, 22 декември 2024

Навална најави кандидатура за претседателка на Русија

Навална најави кандидатура за претседателка на Русија

Москва, 21 октомври 2024 (МИА) - Јулија Навална, вдовица на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави за Би-Би-Си дека има намера да биде претседателка на Русија. Таа вели дека таа одлука како и многу други ја донела со сопругот.

Навална знае дека се соочува со апсење доколку се врати дома додека Путин е сè уште на власт. Неговата администрација ја обвини за учество во екстремизам.

Нејзиниот сопруг, најгласниот критичар на претседателот Путин, беше осуден на 19 години за екстремизам, обвиненија кои се сметаа за политички мотивирани. Тој почина во февруари во брутална казнена колонија во Арктичкиот круг. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека нема сомнеж дека Путин е виновен. Русија негира дека го убила Навални.

Презентирајќи го „Патриот“, мемоарите што нејзиниот сопруг ги напиша пред неговата смрт, Навална ги повтори своите планови да ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг за демократија.

-Кога ќе дојде време, ќе учествувам на претседателските избори како кандидат. Мој политички противник е Владимир Путин. И ќе направам се за да го урнеме неговиот режим што е можно поскоро, рече Навална. Но, сега мора да биде надвор од Русија.

Навална вели дека не може да се врати додека Путин е на чело, но со нетрпение го очекува денот за кој верува дека неизбежно ќе дојде, кога ерата на Путин ќе заврши и Русија повторно ќе се отвори. Исто како и нејзиниот сопруг, таа верува дека ќе има можност да се одржат слободни и фер избори. Кога тоа ќе се случи, таа вели дека ќе биде таму.

Навална вели дека била спречена да го посети или да разговара со нејзиниот сопруг две години пред да умре. Таа вели дека Алексеј бил мачен, изгладнет и чуван во ужасни услови.

По неговата смрт, САД, ЕУ и Велика Британија најавија нови санкции против Русија. Ова вклучуваше замрзнување на имотот на шесте затворски началници кои раководеа со казнената колонија на Арктичкиот круг и други санкции против судиите вклучени во кривичната постапка против Навални.

Навална вели дека сака да го види претседателот затворен.

-Не сакам да биде во затвор, некаде во странство, во убав затвор со компјутер, убава храна... Сакам да биде во руски затвор. И тоа не е се - сакам тој да биде во исти услови како Алексеј. Тоа ми е многу важно, вели Навална.

Русите тврдат дека Навални починал од природна смрт. Навална смета дека претседателот Путин го наредил неговото убиство.

-Владимир Путин е одговорен за смртта и убиството на мојот сопруг, вели Јулија Навална. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан